Сирски тврди: Операцијата Курск е успешна, Русите не напредуваат на исток

Највисокиот воен командант на Украина во интервју емитувано во четвртокот рече дека упадот на Киев во јужниот руски регион Курск бил успешен и дека немало руски напредок во клучниот сектор на источното бојно поле во последните шест дена.

Украинската армија минатиот месец влезе во регионот Курск и соопшти дека зазеде десетици населени места. Во меѓувреме, руските сили на источниот фронт во украинската област Доњецк се приближија до градот Покровск.

Украинскиот командант Александар Сирски, интервјуиран од CNN, рече дека забрзаното рускo напредување е запрено.

„Во последните шест дена непријателот не напредуваше ниту еден метар во правец на Покровск. Со други зборови, нашата стратегија функционира“, тври Сириски.

Упадот во областа Курск, рече тој, „значително го подобри моралот не само на армијата, туку и на целото украинско население“.

Неговите коментари се во спротивност со претходното тврдење на рускиот претседател Владимир Путин, кој претходно во четвртокот рече дека упадот во Курск не го забави напредокот на Москва во источна Украина. Путин изјави во четвртокот дека упадот на Украина во руската област Курск не успеал да го запре напредувањето на руските сили во Донбас и ги ослабнало позициите на украинската одбрана долж линијата на фронтот, помагајќи им на силите на Москва.

Сирски рече дека украинската војска забележала намалување на гранатирањето и интензитетот на борбите во источна Украина.

„Се разбира, непријателот ги концентрираше своите најобучени единици во областа на Покровск. Но, ние им ја одзедовме можноста за маневрирање и распоредување засилувања од други сектори“, вели украинскиот командант.

„Секторот Покровск останува најпроблематичен за нас, додека состојбата е стабилизирана во другите области. Затоа мислам дека стратегијата е правилно избрана и ќе ни ги донесе посакуваните резултати.

Претседателот Володимир Зеленски во четвртокот доцна во вообичаеното ноќно обраќање, пак, рече дека украинските сили држат позиции во Курск и „со секој ден на операција му докажуваме на светот дека Русија може да ја загуби оваа војна“, но не се наврати на ситуацијата во источна Украина.

Зеленски на почетокот од нападот рече дека тоа е обид да се пренесе војната и на територијата на Русија за да се принуди Путин да постигне мир и да создаде тампон зона за да ги спречи руските напади врз соседната област Суми. Претходно во понеделникот и самиот Зеленски потврди дека упадот во рускиот регион Курск не ја олеснил ситуацијата за украинските сили на рабните делови од источната област Донбас, каде што има проблеми во областите на Покровск и Торецк.