Претседателот и премиерот на Бугарија, Румен Радев и Кирил Петков, наскоро ќе заминат во посета на Париз на средба со шефот на француската држава Емануел Макрон, кој ќе им презентира предлог за укинување на ветото на Софија за Македонија и за старт на преговорите за членство на нашата земја во ЕУ, објави БГНЕС, повикувајќи се на извори во партиите членки на бугарската владина коалиција.
Според изворите на бугарската агенција, за оваа посета биле информирани на седница на Консултативниот совет за национална безбедност на Бугарија, одржан во петокот, на која главна тема беа односите на Софија со земјава.
На седницата на Советот, претставник на бугарската Влада информирал дека од Софија добила ветување од Париз дека „сите бугарски барања ќе бидат вклучени во преговарачката рамка за Македонија и дека нивното спроведување ќе го гарантира лично Макрон“.