Сите логични, практични и системски аргументи упатуваат на тоа дека најдобро за Македонија е претседателските и парламентарните избори да се одржат заедно

Универзитетскиот професор Александар Спасеновски смета дека парламентарните и претседателските избори треба да бидат споени и тоа треба да се направи пред се затоа што 2024 година секако е изборна година и сите избори би имале карактер на редовни, а од друга страна и граѓаните да не се малтретираат по два пати да се мобилизираат и да излегуваат на гласање.

Професорот Спасеновски ова го истакна во денешното гостување во емисијата „Клик Плус“ на телевизија Тв21 каде што додаде дека друг предизвик со кој би се соочиле претседателските избори, ако не се споени со парламентарните, постигнувањето на уставно задолжителниот цензус од 40% за истите да бидат успешни.

 Сите аргумени и логични, и практични, и системски упатуваат на тоа дека најдобро е во Република Македонија заедно да се одржат претседателските и парламентарните избори, заради тоа што на тој начин се пренебрегнуваат голем број на потенцијални проблеми и се намалува оној политички грч во кој што ќе влезе македонското општество по почетокот на новата година. Сметам дека во прилог на сето тоа имаме практична група на причини, се поедноставува целокупната постапка, граѓаните нема да имаат два пати обврска да излезат на избирачките места и да гласаат еднаш за претседателски, втор пат за парламентарни избори, рече Спасеновски.

Од друга страна, додаде тој, се намалува грчот во целокупното општество поврзано со економијата, поврзано со функционирањето на институциите на државната власт, знаеме дека институциите за време на изборна кампања се во посебен режим на однесување поврзани со остварувањето на функциите на државната власта и поради тоа за доброто на државата и на демократските процеси пожелно е претседателските и парламентарните избори да бидат споени.