Во малиот холандски авион којшто се урна во саботата кај Мала Капела во Хрватска, загинаа сите патници, најверојатно тројца, колку што биле наведени во планот за летот, потврди во неделата очевидец на местото на несреќата на авионот од типот „Cirrus 20“ каде истрагата ја спроведува полицијата од Карловац и главниот воздухопловен истражител.
Како што објави хрватското обвинителсво во неделата, „во тек е истрага и утврдување на сите околности околу падот на авионот ‘Cirrus’ 20 во пошумениот дел на Мала Капела во областа на градот Огулин“.
Главниот авијациски инспектор Данко Петрин од местото на несреќата изјавил за агенцијата Hina дека сите патници во холандскиот авион загинале, а авионот е тешко оштетен по уривањето, кој освен од механички оштетувања бил уништен и од пожар.
Додал дека истрага на терен се спроведува од страна на жупаниското државно правобранителство, по што ќе следи собирање податоци.
„Треба да добиеме податоци од контролата на летање, комуникацијата што ја имале со пилотот, радарските и други податоци и потоа ќе добиеме целосна слика и, се надеваме, одговор на прашањето што и зошто се случило“, рекол Петрин.
Ги отфрлил како шпекулации тврдењата дека причината за авионската несреќа е лошото време, бидејќи тие „се водат само од факти и дека лошите временски услови не значат автоматски дека тие се причина за авионската несреќа“.
Петрин потврдил и дека се работи за холандски авион во кој според планот на летот имало тројца патници од Холандија, а дали е тоа така и кои се патниците ќе се утврди преку обдукцијата којашто треба да даде одговори за идентитетот на жртвите и точното време и причина за нивната смрт.