-Сите основни субвенции во сточарството се исплатени, оние што се по грло, а за предадено млеко се исплаќаат согласно утврдената динамика и доцнат само две фази, но тоа не се две години, туку во неколку месечен период. Уште тие остануваат за исплата. До 31 декември сѐ ќе биде исплатено за во новата 2023 година, прв пат по 15 години, да влеземе без денар долг кон сточарите, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
Како што информира тој, со интервентната мерка што утре ќе помине на Влада, за сточарите ќе се обезбедат уште два милиона евра поддршка, а паралелно се носи и новиот закон за пасишта.
-Сега, со ребалансот на Буџетот, обезбедивме вкупно 2,7 милијарди денари за директни плаќања, за сите фази во земјоделството за кои државата должи, а целта е сите заостанати субвенции, особено кај сточарите, да бидат комплетно исплатени до 31 декември 2022. До тогаш ќе ги исплатиме сите средства, и кон сточарите и кон сите останати производители. Точно е дека од основањето на Платежната агенција до денес најмногу се доцни со исплата на субвенции за сточарите. Ние сме постојано на нивна страна и на страната на производителите на млеко, но не сме институција која може да кажува колку ќе биде цената на млекото, ниту како држава сме единствените што сме погодени од кризата. Слушам паушални информации дека е намалено производството, а само четири проценти е намалено годинава во однос на лани, подвлече министерот, одговорајќи на новинарски прашања по по примопредаваето на униформите и опремата за шумската полиција од Италија.
На прашањето дали ќе имаме доволно храна, тој уште еднаш кажа дека се вложуваат максимални напори и се прави се што може за зголемено домашно производство. Се менува и моделот на поддршката, па покрај основните, се воведуваат и дополнителни субвенции са стратешките култури кои, според бројките, покажуваат раст.
-Јас не носам одговорност за кризата, туку за навремено предвидување мерки и политики кои се носат и креираат во соработка со науката и со земјоделците, нагласи Николовски.