Сити и Челзи го договорија преминувањето на Матео Ковачиќ

Манчестер Сити и лондонски Челзи ги договориле условите за трансфер на хрватскиот фудбалски репрезентативец Матео Ковачиќ во редовите на актуелниот европски и англиски шампион, пренесуваат британските медиуми.

Вредноста на обештетувањето е 30 милиони фунти (38,1 милиони евра), од кои 25 милиони фунти се фиксен дел, а пет милиони се можни бонуси. На Сити му останува само да ги договори преостанатите детали од договорот со хрватскиот репрезентативец.

Ковачиќ дојде на „Стенфорд Бриџ“ од Реал Мадрид во 2018 година и влегува во последната година од договорот.

Избраниците на Пеп Гвардиола своето прво засилување за новата сезона ќе го добијат во Матео Ковачиќ во која би можеле да останат без капитенот Илкај Гундоган. Договорот на германскиот интернационалец истекува на крајот на месецот, а тој не се договорил со клубот за условите за евентуално продолжување на престојот на „Итихад“.

Челзи ќе загуби уште еден играч во средниот ред со Ковачиќ, бидејќи Н’Голо Канте веќе го напушти тимот и кариерата ќе ја продолжи во Саудиска Арабија. Ова може да биде само почеток на иселувањето на играчите од тимот што следната сезона ќе го води Маурисио Покетино.