Фудбалерите на Манчестер Сити и на Лестер Сити се пласираа во средата во четвртфиналето од англискиот ФА Куп.
Фудбалерите на Норич Сити, пак, направија подвиг елиминирајќи го Тотенхем на гостувањето во Лондон со подобро изведување на пеналите со 3:2, откако мечот заврши без победник 1:1.
Тотенхем поведе во 13 минута преку Јан Вертонген, а израмни швајцарскиот Хрват Јосип Дрмиќ во 78 минута,.
Бидејќи до крајот немаше промена на резултатот се пристапи кон изведување на пеналите, а херој стана холандскиот голман Тим Крул кој им одбрани два удара од белата точка на играчите на Тотенхем.
Крул ги одбрани ударите на Трој Парот и Гедсон Фернандес, додека Ерик Ламела ја погоди пречката. Кај Норич не реализираше само Кени Меклин.
Манчестер Сити славеше на гости кај второлигашот Шефилд Веднсдеј со 1:0, а решавачкиот гол го постигна Серхио Агуеро во 52 минута.
Лестер Сити, пак, на домашен терен го победи второлигашот Бирмингем Сити исто така со 1:0, а пласманот на „Лисиците“ им го донесе Рикардо Пареира на осум минути пред крајот на мечот.
Челзи и Њукасл во вторникот се пласираа во четвртфиналето од ФА Купот, елиминирајќи ги Ливерпул со 2:0 односно Вест Бромбвич Албион со 3:2. Ден претходно Арсенал на гости со 2:0 го победи третолигашот Портсмут.
Дерби Каунти и Манчестер Јунајтед својот дуел ќе го играат во четврток.