Сити победи на „Олд Трафорд“ во Карабао купот

Фудбалерите на Манчестер Сити се на чекор до третото последователно финале во Карабао Купот, односно англискиот Лига куп, откако во првиот полуфинален дуел го совладаа градскиот ривал Манчестер Јунајтед со 3:1, гостувајќи на „Олд Трафорд“.

Последен пат Манчестер Јунајтед примил три погодока на својот „Театар на соништата“ во мај 1997 година, на дуелот со Мидлсборо (3:3). Манчестер Сити, пак, во Лига купот не загубил од октомври 2016 година, кога беше поразен токму од Јунајтед со 0:1. Оттогаш „Граѓаните“ остварија 11 победи и четири ремија, и двапати го освоија трофејот.

Манчестер Сити беше победник во последните две изданија на ова натпреварувањеа, и трите од последните четири во кои славеа екипите од Манчестер. Јунајтед, имено, победи во 2017 година.

Сити го реши мечот со три гола постигнати во интервалот од 17-та до 39 минута. Прво Бернардо Силва со прецизен удар од 20-ина метри го погоди горниот десен агол од противничкиот гол, а потоа во 33 минута му асистираше на Ријад Марез за удвојување на водството. Во 39 минута голманот на „Црвените ѓаволи“ Давид де Хеа го одбрани силниот удар на Кевин де Брујне, но на одбиената топка натрча неговиот соиграч Андреас Переира и ја спроведе топката во сопствената мрежа.

Каква-таква надеж за реваншот на „Итихад “ на Јунајтед му донесе Маркус Рашфорд во 70 минута, кога поентираше на асистенција од Гринвуд. Возвратниот меч во кој домаќин ќе биде Сити се игра на 29-ти јануари.

Во среда, во 21 часот, на распоредот е првиот дуел од втората полуфинална двојка, во која Лестер е домаќин на Астон Вила. Реваншот во Бирмингем е закажан за 28-ми јануари.