Сити преку Јунајтед во финалето на Лига купот

29 January 2020. EPA-EFE/PETER POWELL

Фудбалерите на Манчестер Сити изборија пласман во финалето на англискиот Лига куп, иако во реваншот од полуфиналето на својот терен беа поразени од градскиот ривал Манчестер Јунајтед со 0:1, но „Граѓаните“ во првиот меч победија на гости со 3:1.

Стрелец на единствениот погодок беше Немања Матиќ, а истиот играч беше исклучен во 76 минута поради два жолти картона. За српскиот интернационалец ова беше првиот погодок во дресот на „Црвените ѓаволи“ по 399 дена, а претходно противничката мрежа ја погоди на дуелот со Хадерсфилд на 26-ти декември 2018 година.

Од друга страна, Сити немаше пораз во Лига купот од октомври 2016 година, а тогаш исто така беше поразен со 0:1 токму од Јунајтед. По овој пораз, Сити оствари 11 победи и четири ремија, освојувајќи го трофејот во ова натпреварување двапати,

Во финалето на Лига купот, тимот на Пеп Гвардиола ќе игра третпат во низа, а рекордот во овој показател го држат Ливерпул и Нотингем Форест, кои учестувале четири пати последователно во финалниот дуел.

Што се однесува до вечерашните противниции, Манчестер Сити овој турнир го освојувал шест пати, а Манчестер Јунајтед трипати го земал пехарот. Сити притоа ќе го игра осмото финале а во досегашните седум само еднаш беше поразен, во 1974 година, до Вулверхемтон.

Сити како бранител на титулата на 1-ви март на лондонски „Вембли“ ќе игра против Астон Вила која во вторникот на својот „Вила Парк“ го совлада фаворизираниот Лестер Сити со 2:1, што им беше доволно покрај резултатот 1:1 кој го остварија на гостински терен пред три седмици.

Европскиот шампион од 1982 година, Астон Вила, последниот пат го освои англискиот Лига куп во 1996в година, што воедно е и последниот трофеј за овој клуб. Последен пат во финалето на ова натпреварување Вила играше точно пред 10 години, кога беше победена од Манчестер Јунајтед.