Сити се зацврсти на врвот по поразот на Јунајтед кај Челзи, голем пресврт на Евертон

По двата дерби натпревара од неделната програма од 11-то коло на англиското фудбалско првенство Манчестер Сити со победата над Арсенал од 3:1 се зацврсти на врвот од табелата по поразот на градскиот ривал Манчестер Јунјатед кај Челзи со 0:1, додека Евертон со голем пресврт на својот „Гудосон парк“ стаса до победа од 3:2 против Ватфорд.

Челзи во големото дерби до победата дојде благодарејќи на погодокот на Алваро Мората во 55 минута. Нафрли Аспиликуета, а Мората високо скокна и со прецизен удар од 10-ина метри го погоди горниот лев агол од немоќниот во тој момент Де Хеа. Во завршницата од мечот Мората пропушти да ја запечати победата на Челзи во моментите кога неговиот тим грчевито се бранеше а Тибо Куртоа со неколку чудесни интервенции го спречи изедначувањето на „црвените ѓаволи“.

Во последниот дуел од 11-то коло Евертон кој е во незапаметено лоша серија го пречека Вотфорд и во неверојатниот финиш стаса до третата годинешна победа, иако до 64 минута гостите водеа со 2:0 со головите на Рочарлисон во 46 и Кабаселе о 64 минута. Но во следните десет минути домашните успеаја да изедначат, откако во 67 минута Ниас ги претрча својот директен чувар и противничкиот голман постигнувајќи го првиот гол а потоа во 74 минута Калвер-Левин ги надвиси сите играчи од одбраната на Вотфорд и прецизно од неколку метри ја погоди мрежата. Драматичниот расплет се одигра во 12-те минути од судиското продолжување. Во првата минута Бејнес го реализираше казнениот удар со кој Евертон поведе со 3:2, а во 11-та минута од продолжувањето Клеверли имаше шанса на спротивната страна од белата точка да им го донесе заслужениот бод на гостите, но ја испрати топката крај десната статива.

Евертон со победата за момент ја избегна зоната која води во понизок ранг, сега е 15-ти со 11 бодови, додека Вотфорд остана на 9-та позиција со 15 бодови.

Претходно фудбалерите на Манчестер Сити на својот стадион го совладаа Арсенал со 3:1 (1:0) и ја задржаа убедливата предност на врвот од табелата.

Тимот на Пеп Гвардиола до водството стаса во 19 минута со погодокот на Кевин де Брујбе. Во 50 минута Сити ја удвои предноста откако Серхио Агуеро реализираше пенал. Надежите кај гостите од Лондон ги разбуди во 65 минута Лаказет, но сите дилеми околу победникот го разреши Габреил Жезус во 74 минута, иако е голем впечатокот дека и стрелецот и асистентот Давид Силва беа во офсајд.

Претходно во неделата Тотенхем со голот на Кореецот Сон Хеунг-мин во 64 минута го совлада Кристал Палас.

Со оваа победа Манчестер Сити дојде до 31 бод, односно осум повеќе пред градскиот ривал Манчестер Јунајтед кој беше поразен на гостувањето кај Челзи кој сега е четврти со 22 бодови, а трет е Тотенхем со 23 бодови. На петтото, шестото и седмото место се Ливерпул, Арсенал и Барнли со по 19 бодови.