Четири дена од гласањето на шестите избори за претседател на државата. Двајцата кандидати, Гордана Сиљановска Давкова, како кандидат на опозицијата и Стево Пендаровски, адут на владејачката коалиција 5-ти мај го очекуваат со разлика од само 4.000 гласа.
Неизвесноста за гласањето в недела не ја погрева само изедначената трка во гласовите, туку и дилемата дали гласачите ќе одговорат позитивно на повиците на политичките лидери за масовна излезност со цел остварување на цензусот од 40 отсто за успешни избори.
Стравувањата дека гласањето би било неуспешно ги зголемуваат бројките за излезност во првиот круг од само 41,8 отсто, како и активностите на поддржувачите на бојкот на претседателските избори.
Сиљановска Давкова очекува в недела да гласаат неопходниот број на граѓани.
„Се надевам дека ќе биде исполнет цензусот. Но, се надевам дека час поскоро треба сериозно да се земат предвид предупредувањата и препораките на Венецијанската комисија, да се стави уште еден крај етнопартиските пазарање дури и во форма на цензус. Ве уверувам дека и во Франција каде претседателот има силни овластувања што ја прави полупретседателски систем цензус во вториот круг нема… Сите велат бојкотот е лошо решение, па да видиме“, вели Сиљановска Давкова.
Заев: Предвремени избори дури и ако не се исполни цензусот
И премиерот Зоран Заев убеден во остварувањето на цензусот, но вели доколку тоа не се случи ќе се организираат предвремени парламентарни избори.
„Прво верувам дека ќе успеат изборите, тоа e државна одговорност за мене, се надевам и на опозицијата, се надевам и на сите граѓани. Изборите треба да бидат, и мора да бидат успешни за да продолжиме напред. Нашата земја е на вистински пат, и по тој пат чекориме, тоа го чувствуваме веќе дома, за тоа зборува целиот свет, и тоа е патот од којшто враќање назад нема. Како претседател на најголемата политичка партија во државата, застанавме зад независен кандидат, за кој веруваме дека ќе биде идниот претседател на Република Северна Македонија, јас верувам во тоа, но секако тоа е само моја желба, посветеност и мои очекувања за иднината на државата. Но, одлуката ја носат граѓаните. Секако, ако граѓаните одлучат поинаку, јас веќе реков и јавно ќе повторам, ќе проектираме датум за предвремени парламентарни избори,“ рече Заев.
Без цензус Џафери станува в.д. претседател
Претседателот на Собранието, Талат Џафери вели ако не се исполни цензусот на 12-ти мај кога истекува мандатот на актуелниот претседател Ѓорѓе Иванов, тој ќе ја преземе должноста шеф на државата.
Сепак апелира граѓаните да ја исполнат својата граѓанска должност и да излезат на гласачките места в недела.
Ладен туш за власта во пресрет на одлучувачкото гласање
На само неколку дена пред одлучувачкиот втор круг од претседателските избори од Берлин неповолни вести за власта. Најавите се дека земјава и овој јуни нема да добие датум за почеток на преговори со Европската Унија.
Имајќи предвид, дека во текот на предизборната кампања влезот во НАТО и преговори со ЕУ се главните аргументи на кандидатот на власта, Пендаровски за да се даде гласот за него реални се очекувањата дека овие информации ќе ја намалат поддршката за него меѓу гласачите, сметаат дел од политичките аналитичари.