Цените на нафтата пораснаа во петокот на меѓународните пазари кон 83 американски долари за барел, поради смртоносните безредија во Казахстан и прекинот на производството во Либија што ја поттикнаа загриженоста за снабдувањето, потиснувајќи го во втор план стравувањето од последиците од ширењето на новата варијанта на коронавирусот.
На лондонскиот пазар цената на барелот во првите попладневни часови од тргувањето порасна за 70 центи во одност на затворањето на претходниот трговски ден, на 82,69 долари. Во четвртокот тргувањето го заврши со плус од 1,19 долари. На американскиот пазар, пак, со барелот во петокот се тргуваше по 59 центи по повисока од центата во четвртокот, на 80,05 долари. Вчерашниот трговски ден беше затворен со добивка од 1,61 долар.
Одвоено, Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) во петокот на својота интернет страница објави дека барелот на референтната кошничка нафта на нејзините членки во четвртокот чинел 80,80 долари и бил за 73 центи поскап отколку претходниот трговски ден.
Пазарите од четвртокот се вознемирени од ескалацијата на безредијата во Казахстан, членка на OPEC и од нарушувањето во снабдувањето од Либија, што ја засенија загриженоста за побарувачката поради брзото ширење на омикрон сојот на коронавирусот.
„Скокот на цените на нафтата главно ја одразува нервозата на пазарот поради ескалацијата на немирите во Казахстан и на континуираното влошување на политичката ситуација во Либија што го блокира производството на нафтата“, вели за Reuters Луис Диксон од „Rystad Energy“.
Безбедносните сили на Казахстан, помогнати од единици на Организацијата на договорот за заедничка безбедност (ОДБК), според информациите ја преземаат контролата над улиците во најголемиот град Алмати, а претседателот рече дека уставниот поредок главно повторно е воспоставен.
Протестите започнаа во регионите на западен Казахстан, кој е богат со нафта, гас, ураниум…, откако на почетокот од годината беа укинати ограничувањата за ниската цена на бутанот и пропанот.
Производството на нафта на главното казахстанско поле Тенгиз беше намалено во четвртокот, соопшти операторот „Chevron“, откако некои подизведувачи ги прекинаа железничките линии во знак на поддршка на бунтовниците, за кои тамошните власти велат дека се оркестрирани од странство.
Влошената ситуација во централноазиската земја го заостри проблемот со недостатната понуда OPEC и неговите сојузнции, кои не успеваат да го следат растот на побарувачката. OPEC во декември го зголеми производството за само 70.000 барели дневно во однос на ноември, а договорот за снабдувањето предвидуваше можност за зголемување за 253.000 барели дневно, за да се фати чекорот со закрепнувањето на побарувачката од пандемиската криза.
Производството во Либија падна, меѓу другото и поради работите на одржување на цевководите, на 729.000 барели дневно во споредба со највисокото минатогодишно ново од 1,3 милиони барели дневно.
Забрзаното ширење на омикрон сојот на коронавирусот падна во втор план во таквите услови, а загриженоста за побарувачката забавува, дополнително придушена од зачестените потврди дека новата варијанта на вирусот предизвикува поблаги симптоми од досегашните.
„Стравот од големиот пад на побарувачката на нафта се топи, бидејќи се искристализираше дека омикрон предизвикува поблаги симптоми на болеста, за разлика од досегашните варијанти на вирусот, што значи дека владите веројатно нема драстично да го ограничуваат движењето“, вели Карстен Фритш, аналитичар во „Commerzbank“.