Од СЈО информираат дека ова Јавно обвинителство закупи простории кои ќе ги користи како работни простории се до целосно функционално уредување на просториите каде претходно се наоѓаше Агенцијата за млади и спорт, а во насока на задоволување на безбедносните стандарди за ваков вид на обвинителство.
Новите работни простории можат да се користат и за сослушување на сведоци и осомничени лица, а воедно организацијата и пристапот до истите овозможува и зачувување на идентитетот на лицата кои ќе бидат повикани на разговор во обвинителството, како и лицата кои поседуваат релевантни информации, а инсистираат на зачувување на нивниот идентитет. Тука би сакале да укажеме дека целта на обвинителството е спроведување на независни истраги во рамки на кои ќе бидат заштитени и гарантирани правата на сите учесници во постапката, како од аспект на нивна безбедност, така и од аспект на обезбедување на сите процесни права, се посочува во соопштението.
Имајќи го предвид фактот дека ова Обвинителство работи со сензибилни информации, изразуваат надеж дека ќе наидат на разбирање од јавноста и медиумите кога одредени информации нема да бидат соопштени.
Имено, согласно Законот за кривична постапка предистражната постапка е тајна и сите информации кои би биле од значење за успешно водење на постапката нема да бидат соопштувани. Ова може да подразбира и несоопштување на фактот против кого се отворени предистражни постапки и под кои сомненија, а врз основа на анализата на незаконски прислушкуваните материјали. Секако, првичниот момент кога ќе бидат обезбедени доказите и кога ќе се создадат услови за информирање на јавноста, доследно почитувајќи го начелото на транспарентност јавноста ќе биде благовремено известена, се додава во соопштението.
Во оваа насока од СЈО појаснуваат дека воопшто нема да бидат соопштувани податоци дали одредени лица побарале статус на заштитени сведоци, од причина што, како што велат „имајќи ја предвид јавната покриеност на настаните кои ова Јавно обвинителство ги разгледува, постои опасност од обесхрабрување на ваквите лица да пристапат кон ова Јавно обвинитлество и да помогнат во истрагите“.