СЈО како алиби за неуспехот да се добие датум за преговори со ЕУ

Неуспехот да се договори идното функционирање на Специјалното јавно обвинителство во рамките на разговорите за законот за јавно обвинителство власта планира да го искористи како алиби за тоа што државава нема да добие датум за преговори во јуни, тврди најголемата опозициска партија ВМРО ДПМНЕ.

Претседателот на партијата, Христијан Мицковски прашан за текот на разговорите по вчерашната четврта средба на работните тимови на власта и опозицијата вели дека договор се уште не е постигнат бидејќи министерката за правда, Рената Дескоска не успеала успешно да го изменаџира процесот и разговорите ги води со цел да не се постигне договор.

„Практично министерката преговара за да не се договори. Еве имаме амандмани на маса нека ги прифатат амандманите ако тоа  е навистина услов  за отпочнување преговори да одиме во Собрание и да го изгласаме новиот закон за јавното обвинителство но очигледно дека некој ниту има намера да се договори, ниту сака да се договори а ниту пак и покрај тоа што евентуално  би го изгласале тој закон за јавното обвинителство Македонија би добила датум за отпочнување на преговори“, вели Мицкоски.

Тој потсетува дека ВМРО ДПМНЕ укажуваше на ваквото можно сценарија власта за својот неуспех во реформската агенда, а со тоа и во обезбедување поддршка за доделување датум за преговори да ја обвини опозициската партија.

„Ние апелиравме во минатото дека Владата но и сите оние кои што сме поврзани со политиката во Република Македонија се свесни дека повторно ние како држава нема да добиеме јасна препорака за отпочнување на преговори со Европската Унија што впрочем се случи  вчера и денеска  ги гледаме најавите од таму повторно некоја нова формулација за некои подготвителни процеси кој што досега ниту една земја практично  ги немала и за да го затскријат овој неуспех се обидуваат да ја играат играта кој е виновен зошто ние нема да добиеме преговори, се обидуваат практично да ја префрлат вината на опозицијата“, вели претседателот на ВМРО ДПМНЕ.

Министерство за правда: Услов за отпочнување на преговорите е квалитетен закон

Услов за отпочнување на преговорите со ЕУ не е донесување на било каков Закон за Јавно обвинителство, туку квалитетен закон кој ќе овозможи право и правда и казнивост на криминалот во нашата држава, реагираат од Министерството за правда.

„Законот со себе носи силни последици за сторителите на кривични дела. Тоа претставува посебна тежина во менаџирањето на процесот кој треба да овозможи продолжување на кривично гонење и финализирање на судски постапки против сегашни и поранешни високи функционери на политички партии, кои сега треба да го поддржат законот.  Едноставно, тежината е во тоа што законот тангира голем број страни од кои се очекува поддршка во Собранието со цел отпочнување на преговорите со ЕУ“, се вели во соопштението на Правда во кое реагираат на изјавата на лидерот на ВМРО ДПМНЕ.

ВМРО ДПМНЕ: Законот за СЈО да не дерогира други закони

Опозициската партија подготви 65 амандмани за законот за јавно обвинителство со кое предлага СЈО да биде одделение во рамки на Јавното обвинителство за организиран криминал и сите истраги отворени по истекувањето на рокот предвиден со законот за СЈО (30.06.2017) да бидат прекинати.

Тимот на ВМРО ДПМНЕ инсистира новото законско решение да биде согласно членот 12 од Законот за кривична постапка според којшто докази прибавени на незаконски начин не можат да бидат прифатени и врз нив не може да се заснова судска одлука.