„Попис“ е името на новата истрага на Специјалното јавно обвинителство, а се однесува за основано сомневање за злоупотреба на своите овластувања на претседателите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, кои во 2011 година се договориле да го одложат спроведувањето на веќе почнатиот попис.
Според обвинителката Фатиме Фетаи, на 10 и 11 октомври 2011 година осомничените се договориле да се запре спроведувањето на пописот, со што е причинета штета од 175 милиони денари.
„Има основани сомневања дека како дел од владејачката коалиција, двајцата претседатели на партиите се договориле дека нема политички капацитет за спроведување на пописот и дека се неопходни дополнителна обука и усогласување на стандардите со меѓународните норми. Потоа Владата предложила да престане да важи Законот за попис, а потоа преку пратениците од владејачката коалиција на 15 октомври 2011 година Собранието донесува решение за одложување на пописот“, рече Фетаи.
Втората истрага на СЈО под името „Моќник“, се води по основано сомнение дека моќен пратеник го искористил влијанието за да распродава државен и општински имот на негови блиски луѓе преку советници на една општина. Тој потоа се одмаздил на луѓе кои му се мешале во интересите, со што постои сомнение за измама и за злоупотреба на службена должност. Отворена е истрага против 13 лица. Во текот на 2011 година, таткото на пратеникот и градоначалникот на Македонски Брод довеле во заблуда советници и ги навеле да изгласаат оттуѓување на задружен дом во село Ижиште, нанесувајќи штета од околу 50 илјади евра.
Третата истрага „Актор“ се однесува на изборот на понудувач за изградба на автопатот Демир Капија – Смоквица и перењето на пари кои фирмата ги добила преку тендерот.