Специјалното јавно обвинителство (СЈО) не поднесе ниту едно обвинение против функционери на коалицискиот партнер на СДСМ, Демократската унија за интеграција (ДУИ).
Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева во четвртокот, на ден пред истекот на рокот до кој нејзиното обвинителтво може да покренува обвиненија, на прес-конференција изјави дека СЈО поднело 17 обвиненија за 18 случаи против 94 физички и 7 правни лица.
Ниту едно од овие обвиненија не се однесува на лица од ДУИ, со што се потврдија информациите во јавноста дека со отворањето на истраги против функционери на ДУИ, СЈО директно само ги заплашувало за да прифатат коалиција со СДСМ, а откако таа се оствари, СЈО не покрена ниту едно обвинение против нив.
Со ова излезе на површина начинот на функционирање на коалицијата меѓу СДСМ и ДУИ, со уцени и закани за кривични гонења од страна на Катица Јанева и нејзините обвинители, па откако функционерите на ДУИ одработија коалиција со СДСМ, не е поднесено ниту едно обвинение за нив.
Утре истекува рокот во кој тимот на Катица Јанева може да покрене обвиненија пред судот, според Законот за СЈО.