Скандал дипломатија: Фрчкоски не го сакаа во Вашингтон, Арифи одбиена во Брисел, САД и Анкара

Скандал дипломатија. Вака наједноставно може да се објасни она што и се случува на Македонија на меѓународен план. Владиното решение Теута Арифи да биде амбасадор по изгледа било каде, засега е одбиено од три места. Брисел, Њујорк и Анкара се местата каде Владата планираше, но не успеа да ја испрати поранешната градоначалничка на Тетово, објави АЛФА ТВ.

Но таа не е единственото одбиено амбасадорско решение од Македонија, тука друштво и прави и Љубомир Фрчкоски. Тој беше одбиен од САД за македонски амбасадор во Вашингтон, па Владата реши да го пресели во Њујорк и да го предложи за амбасадор на Обединетите Нации, позиција за која не треба согласност од организацијата.

Покрај амбасадорските скандали и изборот на конзули не мина баш најмирно за македонската дипломатија. Изборот на Бесмира Ејупи предизвика бура реакции во јавноста, а беше и причина за мала нервоза кај владиниот пи-ар, кој не одговори на прашањето дали на затворена владина седница таа била предложна за позицијата генерален конзул во Њујорк.

-На отворената седница на Владата немаше точка со ова кадровско решение, изјави Душко Арсовски, портпаролот на Владата.

За разлика од Фрчкоски кој одбиен од еден град во САД, стана предлог за друг, реакциите во јавноста го спречија планот Ејупи да биде конзул во Њујорк. По реакциите предлогот беше повлечен, а премиерот говореше како ништо да не знае.

-Македонија во моментов има Генерален конзул во Тотова, САД, Јордан Панев, кој е дипломат од кариера, и кој е избран согласно сите законски пропис, велеше Ковачевски.

Црвените светла за дипломатските решенија не се единствените скандали на меѓународен план. Тројца македонски дипломати беа уапсени во Србија по меѓународна потерница, поради тоа што му помагале во бегството на братот на ерменскиот претседател.