Скандал: Директорот на ЈСП со закани за физичка пресметка на советникот Јаневски

По завршувањето на денешната седница на Советот на Град Скопје, в.д. директорот на ЈСП Скопје, Александар Стојковски, лично ми се закани дека физички ќе се пресмета со мене, објави во четвртокот советнкиот Филип Јаневски, советник од Глас за Македонија.

„Критиките кои ги упатив за неговото неработење, непочитување на одлуките на Советот на Град Скопје како и самоволието на директорот, беа причина тој да ми упати закани во неколку наврати!

Како млад политичар со интегритет, кој секогаш ги брани интересите на граѓаните, никогаш нема да потклекнам на притисоци и закани од било кој поединец или група и ќе продолжам да работам во интерес на граѓаните на Град Скопје!“, објави Јаневски.

Истовремено Советничката група на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија објави дека најостро ги осудува заканите за физичка пресметка упатени од директорот на ЈСП поставен од градиначалничката Данела Арсовска,  врз колегата советник Филип Јаневски.

„Кога има недостиг на аргументи тогаш има закани, и уцени како израз на слабост и паника. Тоа говори дека Директорот на ЈСП поставен од Данела Арсовска, а кој доаѓа од партијата СДС, нема храброст да се соочи со аргументите. Тендер коалицијата на Арсовска со СДС, ГРОМ и крими поединци треба да каже дали ова е модерното Скопје кое скопјани го очекуваа? Арсовска да излезе од крими матрицата и да почне да работи за скопјани. Никој не ви се плаши“ порачаа во реакцијата советниците од ВМРДО-ДПМНЕ.

Претходно на седницата на Советот на Град Скопје дојде до остри реплики меѓу Стојковски и Јаневски.

„Имаше иницијатива за број 2 да иде до Ченто. Ќе добиете изработен елаборат колку е загуба на еден автобус. И вие само поднесувате иницијативи а не прашувате дали тоа е исплатливо или не, не оставате ЈСП да преговара“, рече Александар Стојкоски, в.д. директор на ЈСП.

Советникот Филип Јаневски му кажа дека и воведната линија 2Б на ЈСП, не може да се види по градските улици.

„Сите овде, членови на Советот сме избрани од граѓаните. Директорите се именувани функциониери. Настапот на директорот од оваа говорница е: ‘поднесувате иницијативи…’, па извинете ако поднесуваме иницијативи. Да си одиме дома ако не? Што се однесува на иницијативата за продолжување на 2-ка до Ченто, на 31 август на седницата имавте можност да излезете и да кажете дали е исплатлива, дали не е, дали може да се изведе или не. Вие не земавте збор. 37 советници гласаа ‘за’ и ја донеле најдобрата одлука. Одлуките на Советот се обврзувачки за сите. Во иницијативата стои дека треба да доставите предлог одлука во рок од 30 дена, за продолжување на 2-ка, а не за воведување на нова линија 2б, која помпезно ја најавивте. 24 поминаа откако наводно ја воведовте таа линија, јас не сум сретнал човек кој видел како изгледа тој автобус. Јас го чекав и сабајлево, го нема, не постои. Не го виделе ниту во Чаир ниту во Ченто. Вие не сте задолжен за тоа дали е исплатливо или не, туку да спроведете“, Јанески.

В.Д. директорот на ЈСП, посочи дека нема исплатливост, па тоа е причината поради што по кратко време се укинуваат линии, но и дестинациите на кои се обраќаат сега автобусите ќе бидат скратени.

„Во Шуто оризари гравитираат дневно 21 автобус, имаме по 3400 валидации. Дали е тоа доволно за да биде оваа линија рентабилна? Вие како советници го договаравте договорот со приватните превозници. Фрапантни се анализите кои ги правиме, а тоа е дека во ниту еден приватен автобус нема фискален апарат. Со тоа е нанесена штета на ЈСП. Во врска со предлогот кој го поддржувам за подобрување на градскиот превоз во Шуто Оризари, ние со градоначалникот разговаравме и кажавме на кој начин тоа ќе го решиме. Вие кажете ни, дали ние треба да купиме нови возила за да опслужиме Шуто Оризари или ќе може градоначалникот да премести 50 кабли за да добие поквалитетен превоз. Како што сме постапиле со 2б, како што барате и за 19А да оди до Клинички центар, ќе ве молам кога ќе излеземе со анализа дека е таа неисплатлива, ќе ве молам вие да им објасните на граѓаните зошто ќе биде укината“, рече в.д. директорот на ЈСП.

Советникот Малиша Станковиќ од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека во изборната програма на Арсовска е најавено дека автобусите ќе бидат достапни за сите.

„Во програмата беше најавено бесплатен превоз во ЈСП и во втората точка беше дека ќе се направи достапност до сите места на ЈСП за граѓаните. Не знам зошто директорот бара да правиме анализа за рентабилност за линијата 19 и 2. Не знам зошто имаме одредена реакција. Па нели ќе ја реализираме програмата? За неа сме гласале и сме се бореле, за неа сме се бореле, се надевам иницијативата ќе биде поддржана од сите“, кажа Станковиќ.

Советникот Јанески му укажа на в.д. директорот на ЈСП дека самоволието кај него е евидентно.

„Се навлегува надвор од ингеренциите на директорите на јавните претпријатија. Како кажа: ‘Кога ќе видите дека нема рентабилност објаснете им на граѓаните зошто ќе ја укинеме линијата’. Нема да ја укинете линијата ако ние тоа не го дозволиме. Значи Господ да ви се јави на сон и да ви каже да ја укинете прво ќе дојдете тука да прашате, дали 23 советници ќе одлучат. Затоа што нас е легитимитетот и одговорноста. Не може самоволие да демонстрирате. Повлечете поука од пред 2-3 недели кога наводно самоволие резултираше со разрешување. Кај вас е директно и јасно самоволието“, рече Јанески.