Скандал: Објавен разузнувачкиот документ за бизнисменот Јордан Камчев

На Фејбук профилот на Зоран Буревесник Божиновски објавена е таинствената белешката на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), која беше „крунски доказ“ обвинетиот бизнисмен Јордан Камчев да добие притвор од 60 дена. Оваа белешка со архивски број 02-545/1 од 14.03.2021 година и со назнаката „строго доверливо“, потпишана од директорот на АНБ Виктор Димовски, не беше достапна за увид на одбраната.

Овој единствен документ врз што се заснова одлуката за притвор на Камчев, не содржи никакви уверливи докази дека Камчев имал било каква намера да избега од државата.

Во информацијата на АНБ, како што веќе е објавено во медиумите, се спомнува наводна средба на Камчев и на неговата пријателка Наташа Савова со „припадник на странска служба за безбедност“, во периодот од 12 до 14 февруари годинава, во хотелски комплекс во Берово, без да се наведе ни името на припадникот на таа служба. Се наведува дека на  средбата се разговарало за реализација на бегството на Камчев во Бугарија, каде што имале „сознанија дека Јордан Камчев поседува приватна болница и други бизниси во Бугарија и во странство“.

На објавената белешка, реакција имаше и одбраната на Камчев:

„Фамозната белешка – срамот на македонските тајни служби излезе пред очите на македонската јавност. Објавена на твитер добиена од свиркач.

Се потврдува она што веќе близу 2 месеци го тврди одбраната на Камчев: дека во оваа држава во 2021 година се лишуваат лица од слобода и им се изрекува мерка притвор врз основа на усна дојава на доушник на тајната служба, воедно БЕЗ да се обезбедат докази за тврдењето во белешката!!!
Се потврдуваат прашањата:

1. Зошто Јордан Камчев бил предмет на обработка на АНБ? Законските овластувања на АНБ се предвидени во Закон за агенција за национална безбедност, а согласно своите надлежности утврдени во истиот закон Агенцијата собира, обработува, анализира, проценува, разменува, чува и штити податоци и информации со цел откривање и спречување на активности што се поврзани со безбедносни закани и ризици за националната безбедност на државата согласно член 4 и тоа: шпионажа, тероризам и негово финансирање, насилен екстремизам и други активности поврзани со безбедносни закани и ризици за националната безбедност на државата и сл односно дела кои ја загрозуваат националната безбедност на државата .Дали Јордан Камчев претставува закана по националната безбедност?

2. Дури и да ги добиле овие информации, во АНБ имале должност овие сознанија да ги поткрепат со докази, кои ќе ги обезбедат преку барање до Врховниот Суд да дозволи ПИМ мерки за следење на лицето Јордан Камчев, или преку оперативно следење. Спротивно на тоа, тие без обезбедување на докази ја дале оваа информација до Јавниот обвинител Лиле Стефанова. Чиста злоупотреба на службената положба на во АНБ, за која злоупотреба некој ќе мора да сноси одговорност. Кривична одговорност постои и за Јавниот обвинител Стефанова, која врз основа на напишани непотврдени сознанија БЕЗ ОБЕЗБЕДЕНИ докази предложила МЕРКА ПРИТВОР. Кривична одговорност и за судијата на претходна постапка кој ја одобрил мерката без да има ДОКАЗИ за тврдењето дека лицето Камчев припрема бегство! Кривична одговорност и за судиите од Кривичниот Совет кој по истиот скандалозен основ, ја продолжија мерката притвор!Каква држава градиме??? Лице се лишува од слобода и става во притвор со усна белешка на тајната служба? За ова ли се бореа шарените револуционери? За поголеми злоупотреби на тајната служба за кои го обвинуваа Сашо Мијалков и со кои тврдења ја освоија власта.

3. Иако според Закон за Кривична постапка, член 70 Судот и Обвинителството е должно да ги презентира доказите врз основа на кои ја изрекува мерката притвор, тие истото до ден денешен и покрај сите инсистирања на одбраната не го направиле! Дури и да се работи за класифициран документ и службена тајна, тие се должни да ги презентираат истите откако адвокатот и одбраната им презентираа безбедносен сертификат.

4. Дополнително одбраната во два наврати се обраќа до АНБ. Во првиот случај со барање, според член 53, од законот за Агенција на Национална безбедност, лицата наведени во белешката бараа да им се дадат податоци дали се следени на законски начин, односно преку дозвола на Врховен суд и ОТА или преку оперативно работење. Таа информација АНБ била должна да ја приложи но истото до сега НЕ го сторила. Во вториот случај, со доставување на безбедносен сертификат адвокатите бараат да добијат увид во белешката- повторно МОЛК од АНБ. Тука се посатвува легитимното прашање- дали и каде ја крие оваа белешка АНБ???

5. Информациите во белешката се дека наводно Јордан Камчев го спремал бегството помеѓу 12-14 фебруари. Каква дојава добила АНБ месец дена покасно да ја достави оваа информација до обвинителството кое бара притвор месец дена по овие информации? Што правеле месец дена ако ги имале тие информации? Зошто не ги поткрепиле со докази? Каква информација добиле на 14 март, за да го приведат на ваков скандалозен дилетантски начин?

6. Во белешката скандалозно се тврди дека Јордан Камчев имал средба во Берово со странска служба, подготвувајќи бегство во Бугарија- средба која НИКОГАШ не постоела. Дека спремал престој во негов стан во Бугарија- стан кој НЕ постои.

7. Уште поскандалозно е дека како основ за сомнеж за бегство се наведува фактот дека имал болница во Бугарија. Таа информација не е тајна- туку е една од работите со кои Орка Холдинг се гордее и се јавно објавени на веб страната на Холдингот- дека се коспоственици со Светска Банка и Аџибадем во Болница во Бугарија!

8. Дали вака Директорот на АНБ си го одработува ветеното амбасадорско место во Белград?

9. Зошто АНБ не ја дава на увид оваа белешка и доказите кои ги „прибавиле„ до Собраниската Комисија за надзор на работата на АНБ? Пратениците биле известени дека причина за тоа е бидејќи е истрагата сеуште во тек! Уште една ноторна лага на директорот на АНБ. Истрагата за случајот „плацеви на Водно„ е завршена!
Една недела по изрекуањето на мерката притвор врз основа на оваа скандалозна белешка тогашниот министер за одбрана на Р.Бугарија – Каракачанов, во врска со овој случај изјави: „– И тие информации дека бугарски агенти му помагале на Јордан Камчев да организира бегство од Македонија се целосна глупост. Лага на Виктор Димовски и неговата банда, тврди Каракачанов, објаснувајќи дека за тоа не постојат никакви докази.„
Одбраната спрема апликација до Европскиот Суд за човекови права, за ваквиот скандалозен начин на лишување на лице од слобода и изрекување мерка притвор.
Кривични пријави се поднесени за Директор на АНБ, јавен обвинител кој без докази и на усна белешка предложил мерка притвор, судија на претходна постапка кој изрекол мерка притвор и судии од кривичен совет кој ја продолжиле мерката притвор.

Вилма Рускоска веќе не може да се крие. Како шеф на Обвинителство за ОК мора да постапи и во случајот со кривичните пријави и по барањето за иземање на Лиле Стефанова.

Бараме меѓународен мониторинг за следење на политичко судското изжививањето во случајот со Јордан Камчев“.