Скандал во Агенцијата за безбедност: Се вработувало без проверки и тестирање!?

Процесот на вработувања во Агенцијата за национална безбедност се одвивал непрофесионално и целосно во спротивност на одредбите од Законот со кој што се формираше новата разузнавачка институција, тврдат извори од Агенција за Нетпрес.

Според информациите, при вработување на новите разузнавачи, покрај незаконитостите за кои Нетпрес веќе објави, од кои најголем дел се преземаат од поранешната Управа за безбедност и разузнавање не се спроведени тестовите и проверките кои ги предвидува законот.

„Не се спроведе тестот за интегритет, ниту полиграфското испитување. Не е реализирано писмено и психолошко тестирање“, тврдат извори од институцијата.

Според истите извори, на вработените кои се преземени од УБК се уште не им е издадено решение и немаат работни позиции и сите се во исчекување каде ќе бидат распоредени. Ова пред се должи, велат изворите на Нетпрес, што при објавата на интерниот оглас не било наведено за кои позиции треба да се конкурира поради тоа што не била изготвена систематизација.

Нашите извори го спорат и процесот на оценување на нововработените во Агенција за национална безбедост. Тврдат процесот на селекција го спроведувале ново назначени началници кои наместо објективно оценувале според сопствена лична проценка. Поради ваквиот начин на оценување, тврдат изворите на Нетпрес, на позиции кои бараат сериозна подготвеност и искуство се примени несоодветни кадри. На сметка на тоа, од листата за вработување исфрлени се кадри кои дипломирале Факултет за безбедност, а се вработуваат лица од други струки како правници, економисти…

 

„Не се водело сметка за лица клои посетувале огромен број на обуки од страна на членки држави на ЕУ и НАТО. Има информации дека и оценувањето него вршеле нивните непосредни раководители, туку тоа го правеле раководители на централно ниво. Не се земени во предвид оценките до 2016 година. Не се земени во предвид и полугодишните оценки од оваа година“ , велат извори од Агенцијата.

И покрај бројните укажувања од Државната комисија за спречување корупција, велат нашите извори, при вработувањата е присутен и непотизмото. Како пример го посочуваат вработувањето на Јовче Ременски ,сопругот на пратеничката на СДСМ, Фросина Ременски. Ременски, тврдат упатените во процесот на вработувања во Агенција, учествувал во текот на целиот процес на оценување, контрола и проверки на вработените.

Процесот на вработување и преземање на вработените од УБК во Агенцијата за национална безбедност требаше да заврши до 20-ти август, но сепак тоа се уште не завршено. Засега нема официјално објаснување зошто овој процес не е завршен и зошто Агенција не работи со полн капацитет и се уште е во голем дел нефункционална во заштита на безбедноста на државата и македонските граѓани.