Германија не му ги доставува на Киев западните модели пешадиски борбени возила и тенкови, бидејќи се придржува до единствениот став и на сојузната влада и на сојузниците во НАТО, изјави во саботата Зимтје Мелер парламентарна државна секретарка во германското министерство за одбрана и пратеничка од владејачката Социјалдемократска партија на Германија (SPD) во Бундестагот во интервјуто за телевизијата ZDF.
„Германската влада и западните земји имаат заедничка позиција да не испорачуваат западни пешадиски борбени возила и тенкови“, истакна Мелер одговарајќи на новинарското прашање зошто Берлин го одложува предавањето на вооружувањата на Киев.
Изјавата имаше голем одек во Германија во контекстот на извештаите на новинската агенција DPA и весникот Die Zeit, кои претходно објавија дека постојат неформални договори меѓу земјите членки на НАТО да не ѝ испорачуваат одредени видови оружје на Украина. Малку подоцна по објавата, министрите за одбрана на Чешка и на Словачка, Јана Чернохова и Јарослава Наѓ ја демантираа информацијата во германските медиуми.
Во истиот контекст, шефицата на берлинската канцеларија на Европскиот совет за меѓународно односи, Јана Пуглиерин објави на Twitter дека е „изненадена и збунета“ од изјавата на Мелер.
„Функционери од Чешка, кои работата во министерството за одбрана и во НАТО, ми рекоа дека не слушнале ништо за неформалниот договор на западните земји да не испорачуваат западни пешадиски борбени возила и тенкови“, објави Пуглиерин.
Во истиот контекст подоцна во саботата и весникот Welt am Sonntag, повикувајќи се на документ кој го има во посед, објави дека германската влада „на минимум“ ги намалила испораките на оружје за Украина во изминатите девет седмици. Станува збор за ткн лесно вооружување чиешто „позначителни“ испораки не се извршени од крајот на март, пишува весникот.
Германскиот канцелар Олаф Шолц беше под силен притисок од западните сојузници поради одбивањето за директни испораки на тешко вооружување за Украина, ветувајќи во рамките на ткн кружна размена, ќе им обезбеди на земјите од Источна Европа ново германско оружје во замена за застареното оружје од советскиот период коешто украинската војска може да го користи без дополнителни обуки.
Меѓутоа на меѓународната конференција којашто ја организираа САД во нивната воздухопловна база во западногерманскиот Рамштајн, германската министерка за одбрана Кристине Ламбрехт вети дека Берлин ќе го снабди Киев со самоодните противвоздушни системи „Gepard“. За користењето на ова вооружување, моментално на обука во Германија се украински војници.