Лошите во прв ред економски политики, а особено последиците коишто поради нив ќе излезат на површината по завршувањето на кризата со коронавирусот, просто го принудуваат СДСМ и неговиот лидер Зоран Заев да побараат спас во скорешни избори и покрај здравствениот ризик за граѓаните а ќе им овозможат да ги минимизираат штетите по нивниот политички кредибилитет.
Лицитирањето со датум за одржување на изборите без да се води сметка за тоа дека сите масовни активности какви што ги придружуваат предизборните дејствија го загрозуваат здравјето на населението, во најмала рака, претставува несериозност од страна на СДСМ. Расположението за предлогот на социјалдемократите за ткн „тивка“ кампања којашто треба да ја прикрие силно опадната поддршка која ја имаат кај гласачите, не наиде на реакција кај другите партии, каква што очекуваа. Имено ВМРО-ДПМНЕ не остана осамено во предупредувањето дека здравствената и епидемиолошката состојба во земјата мора да биде безбедна или на најмалото ниво на ризичност, за да може да се зборува за спроведување избори, каква што беше целта.
Сега, соочени со реакциите и сѐ погласните укажувања за неможноста од задоволување на нивните идеи, СДСМ се обидуваат во нивниот стар манир преку пуштање „пробни балони“ во медиумите да се обидат да постават нови ултиматум . Така, најновите брифинзи од Бихаќка се дека доколку не се одржеле изборите до крајот на јуни, ќе се вратела политичката влада водена од Заев, а изборите би се одржале во редовниот термин во декември.
Раководството на СДСМ, според извори од партискиот врв, останува на ставот дека парламентарните избори треба да се одржат до крајот на јуни, независно од најавите дека ќе има нов предлог од Владата за продолжување на вонредната состојба, а потоа веројатно и одлука во таа насока од претседателот Стево Пендаровски, објави „360 степени“. Ако нема договор меѓу партиите за избори до крајот на следниот месец, тогаш во СДСМ сметаат дека изборите треба да се одржат во редовниот термин и тоа во последните можни рокови – односно на 29-ти ноември или на 6-ти декември, со тоа што во меѓувреме би се вратила и политичката Влада.
Инсистирањето на СДСМ на избори по секоја цена следниот месец, воопшто не го зема предвид расположението кај македонските граѓани. Тие уште се загрижени за своето здравје, битката со епидемијата од коронавирус остави многу последици, како здравствени, така и економски. Тоа го покажаа и недомана објавените резултатите од анкетата на агенцијата Меркет Вижн спроведена за порталот МКД.мк, според кои двојно повеќе од анкетираните граѓани сметаат дека претстојните парламентарни избори треба да се одржат наесен (51,6 отсто), отколку во текот на летото (21,6 отсто).
Поради тоа врхушката на СДСМ, откако нема голем успех во настојувањата и убедувањата дека изборите мора да се случат брзо, мора да ја смени стратегијата. Па одат со ултиматум со кој ако нема брзи избори, гласањето ќе се одржи во декември во терминот за редовни избори. Од една страна, во СДСМ веројатно не се сеќаваат дека нивни претставници најавија дека во доцна есен ќе се случи втор бран на пандемијата од коронавирус. Меѓутоа, од друга страна, тој период им е неопходен, бидејќи се надеваат дека дотогаш ќе успеат да ги „испеглаат“ погубните грешки во нивните политики посебно во однос на македонските национални интереси, па и да се прикријат криминалните активности на нивните функционери. Особено откако во текот на функционирање на техничката влада почнаа да се појавуваат во јавноста скандалите од изминатиот тригодишен период. Покрај тоа, политичка влада предводена од Заев би им овозможила и контрола врз предизборниот и самиот изборен процес преку МВР, односно создавање простор за манипулација со изборните резултати.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во емисијата Топ Тема на Телма телевизија уште еднаш порача дека партијата е подготвена за избори и кога и тие да се случат ќе го победи на тие избори, но цената за тоа не смее да бидат изгубени човечки животи.
„Знам дека нашиот политички противник наметнува антикампања дека ВМРО-ДПМНЕ бегал од избори, но мојот одговор на тоа прашање може да кажам дека кога и да се случат тие избори ВМРО-ДПМНЕ ќе го победи СДСМ. Но, повторно ќе кажам, ако цената за тоа е да имаме еден повеќе загубен живот, јас не би сакал да бидам дел од таквото сценарио“, потенцираше Мицкоски и додаде дека „некрофилското“ сценарио им го остава на „други политичари кои се длабоко потонати во политичкото мочуриште и бараат сламка за спас“.