Скандалите на Бисера Антоанета: Живеела раскошно на државен трошок аздисувајќи со парите на граѓаните

Државната комисија за спречување на корупција денеска донесе одлука да иницира постапка до надлежните органи во врска со употреба на буџетски средства за приватни цели на поранешната министерка за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска.

На денешната седница од Комисијата информираа дека ги потврдуваат наводите за употреба на буџетски средства за приватни цели при службеното патување на поранешната министерка во Велика Британија и Ирска по повод 30 години дипломатски односи.

-Наводите за употреба на буџетски средства за приватни цели се потврдуваат, со што се констатира дека биле потрошени средства за приватни цели. ДКСК ќе постапи во рамки на своите надлежности и ќе иницира постапка до надлежните органи, рече членот Зоран Богоевски.

Според извршениот увид во документацијата, од ДКСК велат дека министерката за култура во 2023 година остварила билатерална посета со трошоци од 1 300 британски фунти аванс, од кои 229 фунти се признаени како трошоци за репрезентација, а 600 фунти за сместување. Од 292 фунти, 280 се трошоци кои ДКСК смета дека не може да се квалификуваат како трошоци за репрезентација. Дополнително, 528 фунти биле подмирени со службена картичка на Министерството за култура, од кои 485 фунти се трошоци кои, како што дополнуваат од ДКСК, не може да се квалификуваат како направени за службени цели.

Откако денес Антикорупциска комисија донесе одлука да иницира постапка против екс-министерката на СДСМ, КУРИР потсетува на скандалите и аферите кои за неа беа обелоденети во јавноста.

Доказите ги изнесуваше ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ

За 4 дена во Лондон, со народни пари купувала чорапи и хулахопки, плишана мечиња, фудбалски топки, куфери за патување за 714 фунти

Пратеникот Миле Лефков обелодени дека во октомври 2023 година министерката Бисера Антоанета остварила службено патување во Лондон во траење од 4 дена и тоа од 24.10.2023 до 27.10.2023 година, покрај трошоците направени за хотелско сместување, во патниот налог има приложено сметки за репрезентација, но при уводот на содржината на сметките за репрезентација и увидот во приложените сметки од службената картица ВИЗА, се констатира ненаменско трошење на буџетски средства спротивно од прописите.

Според податоците кои ги објави, Бисера потрошила 714 фунти, исклучиво за лични потреби, во Продавницата Gift Galore London потрошени се 89 фунти и купени се фудбалска топка – city football и плишено мече – Paddington bear и двете платени од службената картичка ВИЗА.

Таа продолжила и во познатата продавница за куфери Samsonite, каде министерката со средства од Буџетот решила да се поднови со два куфара еден голем Upscape spiner 68/25 Black во износ од 219 фунти од службената картичка и еден помал од истата линија во износ од 59 фунти платен во кеш од службените парични средства.

Според Лефков, таа со народни пари пазарела во Mарк & Спенсер каде потрошила 42 фунти за чорапи и хулахопки платени во кеш од службените парични сретства.

Во GIFT BOX во Лондон, продавница за подароци потрошени се 146 евра од службената картичка ВИЗА за ова трошење нема доставена никаква сметка тука само слипот од платежната картичка. Исто така потрошени се 158 фунти платени во кеш од службените парични средства во Warner Bros. Studio Tour London: Harry Potter за подароци како што се раквици, маички, ташна за милениче, изгубената дијадема и сл.

ВМРО-ДПМНЕ

Во Виена за 4 ноќи изнајмила трособен стан со поглед на градскиот парк од 1200 евра, нејасна е и целта на патувањето

Бисера не би била вистинска Антоанета, ако своите манири за раскош и луксуз не ги манифестирала во Виена, родното место на историската Антоанета. Бисера Антоанета дословно се потрудила да потсеќа на историскиот оригинал и за само 4 дена во Виена потрошила 3061 евра народни пари, за луксуз и раскош, истакна во август годинава Миле Лефков, пратеник, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

-Имено од 07.12.2023 година до 11.12.2023 година, Бисера Антоанета сама престојувала во Виена, со неа немало придружба од Министерството за култура или владата.

Бисера Антоанета во Виена се осеќала како вистинска кралица. Наместо да изнајми хотелска соба, таа со службената картичка со народни пари изнајмила трособен стан од 70м2 во центарот на Виена веднаш до Палата Кобург, Виенската Опера, најелитните хотели и седиштето на ОПЕК.

Стан од 70м2 е стан во кој во Македонија живеат четиричлени семејства. Во Виена Бисера Антоанета си го приуштила тоа задоволство сама на себе.

За само 4 ноќи Бисера Антоанета платила 1213 евра или 74.599 илјади денари за трособниот стан. И тоа кога во непосредна близина каде што била сместена има елитни хотели каде ноќевање со доручек чини 9000 денари, а хотел со нормални карактеристики може да се најде и за 6000 денари.

Која била потребата на Бисера Антоанета да изнајми трособен стан за 1200 евра за 4 ноќи во Виена со поглед на Виенскиот парк?

Бисера Антоанета уживала 4 ноќи во трособен стан со поглед на Виенскиот парк. За да отпатува во Виена Бисера Антоанета си купила повратна авионска карта од Охрид до Виена за 385 евра кои ги платила првo приватно, а потоа од Министерството за култура ги подигнала парите во кеш, како репрезентација.

Не јасно е што правела Антоанета во Виена 4 дена? Која била потребата од ова патување и зошто наместо луксузен трособен стан не изнајмила хотелска соба која е и до 4 пати поевтина?- рече Лефков.

Со пари на граѓаните одела на патување во Виена со другарка, аздисаноста не запира

Бисера Антоанета трошела народни пари за лични цели и за другарки за да и прават друштво. Бисера Антоанета мислела на се, само не на државата, на промовирање на Македонија и слично. Дополнително резервацијата за станот во Виена ја направила другарка и Марија Магдалена Петковска Микаровска, професорка по англиски јазик од Битола. Тоа се гледа од копијата на резервацијата која ја доставила до Министерството за култура за да ги оправда потрошените средства. Бисера Антоанета треба да одговори на низа на прашања како зошто ја шетала другарка и со народни пари, кој се одел со неа на службените патувања, зошто трошела народни пари за приватни цели? Бисера Антоанета треба да одговара, посочуваат од партијата.

„Бисера Антоанета со народни пари вечерала бизонско филе, телешко карпачо и школки за 400 евра во луксузен ресторан во Виена“

Покрај лускузниот трособен стан за 4 ноќи, платен 1200 евра, Антоанета јадела луксузно, обелоденува Миле Лефков,пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

-На една од сметките кои Бисера Антоанета ги доставила до Министерството за култура и за која земала државни пари се гледа дека истата за една вечера потрошила 403 евра, таа вечера ја платиле граѓаните. Антоанета вечерала во луксузниот виенски ресторан Дистрикт, а на нејзината маса се нашле школки, бизонско филе, телешко карпачо, сето тоа платено од народот. Бисера Антоанета не штедела ниту во ресторанот Соле, каде за еден ручек платила 249 евра, а за вечера во истиот ресторан 212 евра. Овде на менито на Антоанета била италијанска храна, вели тој.

Само за овие три ресторански посети, според податоците, екс министерката за култура платила 846 евра или 53.136 илјади денари.

-Бисера Антоанета за еден ручек и две вечери со народни пари платила колку што изнесува месечна потрошувачка кошничка за цело семејство. Ја прашуваме Бисера Антоанета дали овие трошоци биле нужни? Дали можело поевтино? Зошто ги одбрала овие ресторани? Како правда 3000 евра трошок за 4 дневно патување во Виена? – посочи Лефков.

Купувала карти за Дубаи од 3000 евра како за службено патување, а потоа не одела – желбата за шетање на Бисера Антоанета народот ја плаќал дури и кога не патувала

-Очигледно Бисера Антоанета сакала да стигне и отиде секаде, но времето и било непријател. Годината има 365 дена, а Антоанета сака да ја посети целата планета. Желбата за шетање на Бисера Антоанета државата ја плаќала дури и кога таа не патувала. На 05.02.2022 година Антоанета со својата службена картичка со народни пари купува 3 авионски карти за Дубаи во износ од 173.499 илјади денари. Кога требала да замине на пат, таа не заминала. До последен момент не ги откажувала картите и парите пропаднале. Потоа ваквите фактури ги носела во Министерството за култура со цел да го оправда трошењето како репрезентации и патни трошоци. Нејасно е ниту што точно требала Бисера Антоанета да прави во Дубаи? И кои се последиците од непосетата? Или пак станува збор за желба за приватно шетање на државен трошок? 3000 евра се пари со кои граѓаните живеат речиси цела година, а Антоанета ги трошела како да се 5 денари, изјави Лефков.

Со службена картичка купила два авионски билети за Лондон од 44.900 денари, а потоа не заминала на пат – парите пропаднале

Според тврдењата, екс министерката на СДСМ платила две авионски карти на релација Приштина – Лондон во еден правец во висина од 44.900 илјади денари, а потоа не заминала на пат и парите пропаднале.

Иако патувањето не се реализирало, според ВМРО-ДПМНЕ, Бисера ги оправдала потрошените пари со купените карти.

-Не е првпат Бисера Антоанета да купува авионски билети и за илјадници евра, а потоа да не го реализира патувањето. Многу логично се поставува прашањето, ако истата работела според план и програма, тогаш многу лесно ќе се предвидело каде може да отиде, а каде не, очигледно е дека Бисера Антоанета сама како ќе и текне си резервирала карти и плаќала илјадници евра само затоа што мислела дека може и сакала да прошета секаде. Ова е раскалашено однесување и доказ како СДС ја ограбувале државата, велат од партијата.

Летала со владин авион за Црна Гора, чекала 2 дена пред настан за да има оправдување

Бисера Антоанета одела од крајност во крајност. Од резервирање на авионски карти кои никогаш не ги искористила, а ги платила со народни пари, до немавремено планирање на патувања, за кои потоа морала да ангажира владин авион да ја носи, рече пратеникот Миле Лефков.

-Како навлегуваме во материјалите и раскалашеноста на Бисера Антоанета сфаќаме зошто државата е ограбена и зошто СДС всушност се бореле по секоја цена да останат на власт. Бисера Антоанета живеела во раскош. Таа ангажирала владин авион да ја носи до Цетиње во Црна Гора на настан. Имено за свои потреби министерката за култура поради ненавремено планирање на однапред дефинирана конференција во Цетиње, Црна Гора или од други побуди на 14.12.2022 испраќа допис до СОЗР за користење на владиниот авион за да на 16.12.2022 година да стигне во Црна Гора и за таа намена платила фактура кон СОЗР во износ од 102.347 илјади денари или 1664 евра. Како е можно Бисера Антоанета и нејзиниот кабинет да немале време да го испланираат патувањето, кога поканата во нејзиниот кабинет стасала на 02.12.2022 година. А таа реагирала дури 12 дена подоцна. Што правела Антоанета 12 дена, дали чекала да дојде период од 2 дена пред настан за да има оправдување да лета со владиониот авион? Зошто наместо со владин авион Бисера Антоанета не заминала на службен пат во Црна Гора службено возило? Патувањето со службено возило е далеку поекономично, а со оглед на тоа дека се работи за кратка дестинација, не одзема ниту време, истакна Лефков од партиската говорница.

Во Ријад и Брисел купила куфер, кошули, поло маици, накит и облека со службени пари

Таа, според информациите пласирани во јавноста, трошела пари од службената картичка за приватни работи и на нејзиното патување во Ријад, Саудиска Арабија.

Во период од 12.09.2023 до 18.09.2023 година таа е на службен пат во Ријад, Саудиска Арабија, а од 19.09.2023 до 21.09.2023 година е во Брисел, Белгија. За оваа намена таа подига пари во кеш од благајната на министерството 2000 долари и 900 евра.

-Како стигнала, Антоанета се фрлила на трошење. Во ALL Hillal купила 5 дреса од фудбалски клуб за 70 евра, платени со службени пари.

Шопинг манијата на Бисера Антоанета не застанува тука, таа во Parfois продавница за накит, облека и аксесоар за жени потрошила 20 евра, а во Alshaya group си купила козметички производи за 35 евра и истите ги платила во кеш.

Бисера продолжила, и секако од куфер повеќе дома никогаш не боли глава, па одлучила во Niccole Miller да купи мал куфер за 38 евра, и да го плати во кеш со службените пари.

Куферот морал со нешто да се наполни, па Бисера Антоанета заминала во Apparel group каде си купила темно плава кошула за 39 евра, и 3 ПОЛО ХХL црни маици за 95 евра.

Сите овие кошули, куфери, поло маици, накит и облека ги плаќала или со службената картичка или со службените пари. Ова е раскалашено и расипничко однесување. Ова е пример како се трошеле народни пари од министрите на СДС, изјави Лефков.

Сега се чека правда. Институциите се на потег по сите овие скандали.