Скандалозен наод на Ревизорот во АД Пошта: Со загуба од 10 милиони евра поделиле годишен бонус на 7 директори по 5.700 евра!

Заклучно со 31.12.2018 година АД Пошта има загуба од 10 милиони евра. Но тоа не го спречило ова акционерско друштво да плаќа огромни износи за менаџерско осигурување преку осигурителна компанија, евидентираше Државниот завод за ревизија, објавува „Слободен Печат“.

Според извештајот, за 7 директори во АД Пошта, кои истовремено го сочинуваат и Управниот одбор и Надзорниот одбор, платено е менаџерско осигурување за период од 1.04.2018 до 1.04.2019 година во вкупен износ од 2.760.000 денари, или околу 45.000 евра. Овие директори ги бира Владата, тие примаат плата, а ако одобри Надзорниот одбор може да склучи и договор и за нивно менаџерско осигурување со осигурителна компанија што ќе понуди најповолни услови.

„Со полисите за осигурување, при настанување на осигурителни случаи, се предвидени исплати на оштета на осигурените лица. Во услови да не настанат договорените случаи на осигурани настани, платениот износ на премијата на осигурување, во процент од 89,5, се исплатува на сметка на осигурениците, наместо на сметка на поштата која извршила плаќање на премијата на осигурување“, пишува во ревизоркиот извештај.

Според осигурителните компании кои продаваат менаџерско осигурување, со него се покриваат следниве ризици: смрт,  инвалидитет,  дневни трошоци при привремен инвалидитет, трошоци за лекување во случај на несреќа. Ако не настапи смрти, или траен инвалидитет, дел од премијата (во овој случај 89,5 проценти) се префрла како бонус. Што значи дека на секој од овие седум директори, во просек, му следува годишен бонус врз основа на менаџерско осигурување од 5.700 евра!

Ревизорите одговорноста за овој ревизорки извештај ја лоцираат кај Фадис Реџепи генерален директор и претседател на УО од 1.09 2014 до 31.08. 2018 и кај Ејуп Рустеми кој е генерален директор и претседател на УО од 1.09.2018 година.

Покрај ова расфрлање со пари за менаџерски бонуси, ревизорите утврдиле и низа други неправилности. Едно од нив е вработување на среднисти на место што е предвидено за вишо или високо образование. Тоа е направено согласно колективен договор кој пак е во спротивност со Законот за работни односи.

Ревизорите објаснуваат дека со колективен договор е овозможено работниците со завршен четврти степен на стручна подготовка, кои со своето работење се докажале како способни во извршување на посложени работни задачи, да може да се префрлат на работно место за кое е предвидено шести степен на стручна подготовка. Истото се однесува на работници кои имаат завршено шести степен на стручна подготовка, за склучување договор за работа на позиција со седми степен на  стручна подготовка. Платата на тие работници им се намалува за 5 проценти. Но, можно е и некој со средно училиште да заземе место на некој со факултет, па и со магистратура, под услов тоа да е предлог на раководно лице, а заради ефикасно и непречно извршување на одредени работи и работни задачи. Но, во тој случај основната плата на овие работници во договорите за вработување им се намалува за 10 проценти во однос на оние што со седми степен на образование би ја земале според систематизацијата.

Наведената состојба не е во согласност со член 19 од Законот за работни односи.

„Вака воспоставениот начин на постапување од страна на раководните лица и распоредување на вработените на работни места кои не ги исполнуваат условите во однос на степенот на образование, создава нееднаков третман на вработените и доведува во повласетена состојба одредени вработени“, констатира ревизорот.

Не се враќале аванси, се давале огромни попусти.

Ревизорите утврдиле и дека вработените несовесно постапувале со земени аванси и не вратиле околу 16.000 евра во касата на АД Пошта, а оттаму пак немало реакција.

„Со анализа на старосната структура на побарувањата утврдивме деа 10 проценти од нераздолежените аванси потекнуваат од 2018 година, 65 проценти се побарувања од 2017 година, 4 проценти од 2015, 17,5 проценти од 2014 и 3,5 проценти од 2013 година“, се вели во Извештајот.

Ревизорите во неколку наврати ја потенцираат лошата финансиска состојба на АД Пошта, наспроти однесувањето на раководната структура. Како една значајно дискутабилна зделка ја посочуваат онаа за достава на сметки на електрична енергија кога, за разлика од другите години, во 2018 година е даден попуст од 50 отсто.