Републиканците, коишто го контролираат Претставничкиот дом, го номинираа Стив Скејлиз за претседател на долниот дом на американскиот Конгрес по минатонеделната смена на Кевин Меккарти, соопштија пратеници, но сѐ уште не е јасно дали тој ужива довлна поддршка да победи на гласањето на целиот дом.
Стивен Џозеф „Стив“ Скејлиз, кој во моментов е вториот човек во хиерархијата на републиканското водство, мора да ја добие поддршката на гласањето на целиот состав на Претставничкиот дом за да стане негов претседател.
Републиканците можат да си дозволат само неколку пребези при гласањето, бидејќи Претставничкиот дом го контролираат со тесно мнозиство од 221 наспроти 212 пратници, а не се очекува дека демократите ќе гласаат за кој и да е републикански кандидат.
Републиканците го избраа 58-годишниот Скејлиз пред претседателот на Комитетот за правосудство на Претставничкиот дом, Џим Џордан, на тајното гласање зад затворени врати.
Скејлиз ја добил поддршката на многу влијателни републиканци. Доби 113 гласови, а Џордан 99 гласови, соопштија за Reuters пратеници по изборот.
Кевин Меккарти беше избран за претседател на Претставничкиот дом во јануари годинава, дури по 15 круга од гласањето. Само осум републиканси пратеници беа доволни да биде сменет минатата седмица.
Меккарти, така, стана првиот претседател на Претставничкиот дом во американската историја кој е сменет со формално гласање. Двајцата последни републиканци кои беа на таа должност се повлекоа под притисокот на партиската тврда струја.