СКМ: Капитални инвестиции наместо нови административни вработувања

Стопанска комора на Македонија, преку Регионалната комора Прилеп, е информирана дека е подготвена Одлука во општината, за финансирање на нови 33 административни вработувања за идната 2024 година, согласно проекциите на буџетската градска каса за следната година.

Ваквото функционирање со кое наместо средства за капитални инвестиции, се планираат непродуктивни трошења не е во согласност со ставовите и заложбите на бизнис заедницата кои во континуитет се испраќаат, дека час поскоро е потребно средување на состојбите во јавната администрација и конечно да се стави приоритет на бизнисот врз политиката во наредниот период.

-Бизнис секторот од Прилеп укажува дека со ваквите одлуки кои се во најава од пазарот на труд се намалуваат 33 потенцијални вработени во приватниот сектор кој се соочува со сериозен недостиг на кадар и би продолжила доминацијата статус ков позицијата на сметка на развојната компонента. Регионалната комора изразува благодарност што градоначалникот на општина Прилеп од својата позиција како татко на градот континуирано учествува на расправите и активностите организирани од страна на бизнис секторот во градот, но истовремени укажуваме дека на вакви дејствија спротивни на бизнисот ќе реагираме. Ако ова остане пример за сите општини во предизборието, тогаш навистина ќе потврдиме дека развојната компонента ќе причека за уште најмалку една година, изјави Ирена Јакимовска, претседател на РК-Прилеп, при Стопанската комора.

РК Прилеп укажува и дека тешко оди издавањето на градежни дозволи во општината што е основен услов да бидат стопирани секакви инвестициони активности. Има безброј примери на погрешни одлуки на општината во Прилеп кои доведоа до ваквата состојба и се прашуваме дали тоа не е основа од регион на најдобар регион и најплодна земја да се доведеме до најзагадена животна средина.
Оттука, барањето Регионалната комора е оваа Одлука веднаш да се измени и планирањето на трошоците на буџетската каса за 2024 година да се врши во заедничко содејство со Регионалната комора од Прилеп.