![venecueal nafta](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/11/venecueal-nafta.jpg?resize=640%2C427&ssl=1)
Цените на нафтата пораснаа во понеделникот на меѓународните пазари за два отсто по најавеното прекинување на производството на нафта во Либија поради политичките тензии.
Цената на барелот на лондонскиот пазар скокна за 2,30 долари на 81,32 долари во однос на претходното затворање на тргувањето. На американскиот пазар со барелот се тргуваше по цена од 2,22 долари повисока, од 77,05 долари.
Цените скокнаа откако либиската влада во Бенгази, со седиште во источниот дел на земјата, во понеделникот објави затворање на сите нафтени полиња, запирање на производството и извозот.
„Најголемиот ризик за нафтените пазари е веројатно натамошниот пад на либиското производство поради политичките тензии во земјата“, рече Џовани Стауново од швајцарската UBS.
Цените на нафтата ја започнаа трговската седмица на зголемени нивоа откако Хезболах истрела стотици ракети и беспилотни летала врз Израел во неделата, а израелската војска соопшти дека го погодила Либан со околу 100 авиони за да спречи поголем напад. Тоа е еден од најголемите судири во повеќе од десетте месеци војна во Појасот Газа и прекуграничните баражни борб и.
Конфликтот ги зголеми стравувањата од ширење на конфликтот во регионот. „Геополитичките фактори на ризик веројатно ќе имаат значително влијание врз нафтениот пазар“, вели Келвин Вонг од сингапурската OANDA.
Во посебен извештај, Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) објави дека во петокот цената на барелот од референтната кошничка нафта на нејзините членки поскапел за 1,42 долари, на 77,75 долари.