Трошоците на животот во април 2023 година (инфлација), во споредба со претходниот месец, се зголемени за 0.7, а цените на мало за 1.4 отсто. Во однос на април лани, пак, трошоците на животот забележале раст од 13.0, а цените на мало од 10.1 проценти, соопшти денеска Државниот завод за статистика.
Во споредба со април 2022 година, храната поскапела за 16,7 отсто, додека само месото е поскапо за 26 отсто, а млекото сирењето и јајцата за 22,2 отсто.
Пораст на трошоците на животот во април 2023 година, во споредба со претходниот месец, март, е забележан кај цигарите за 8.1 %, свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 2.0 %, месото за 1.4 %, виното за 1.2 %, кафето, чајот, какаото за 0.5 %, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук, жестоките пијалаци за 0.4 %, рибата и морските плодови за 0.2 %.
Во април, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај воздухопловниот патнички транспорт за 42.4 %, туристичките аранжмани за 8.4 %, парамедицинските услуги за 6.7 %, домашните миленици и сродните производи за 5.4 %, услугите за рекреација и спорт за 3.3 %, обувките за 2.7 %, поправката на аудиовизуелната, фотографската и информатичката опрема за 2.4 %, игрите, играчките и хобијата за 2.2 %, облеката, поправките и изнајмувањето обувки за 2.1 %, поправката на апаратите за домаќинствата за 2.0 %, другите лични предмети за 1.7 %, чистењето, поправката и изнајмувањето облека, велосипедите, фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти за 1.3 %, патниот патнички транспорт за 1.1 %. Кај информатичката опрема за обработка на податоците, услугите за сместување за има раст од 1.0 %, кај големите електрични апарати за домаќинствата, големите алатки и опремата, рестораните, кафулињата и слично за 0.8 %, услугите за одржување и поправки на живеалиштето, мебелот и покуќнината за 0.7 %, и друго.
Намалување на индексите на трошоците на животот во април 2023 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај маслото и маснотиите за 6.5 %, свежото и разладеното овошје за 3.2 %, млекото за 3.4 %, сирењето и урдата, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 1.5 %, лебот и житата и друго.