Јапонскиот производител на автомобили „Mitsubishi Motors“ е во преговори да се приклучи на планираното стратешко партнерство меѓу „Nissan“ и „Honda“, објавија медиумите, што предизвика скок на неговите акции во тргувањето на берзата во понеделникот.
„Nissan“ и „Honda“ во март објавија дека размислуваат за соработка за компоненти на електрични возила и вештачка интелигенција во автомобилски софтверски платформи, иако не планираат капитално поврзување, потсетува Reuters.
Претставниците на сите три производители на автомобили го одбија барањето на Reuters за коментар.
Во раните попладневни тргувања, акциите на „Mitsubishi Motors“ скокнаа за 6,3 отсто по пишувањата во медиумите. Кај „Nissan“ поскапе за 2,8 отсто, а кај „Honda“ за 2,6 отсто.
Планираното партнерство го нагласува зголемениот притисок врз производителите на автомобили да ги здружат силите за да ги намалат огромните трошоци поврзани со развојот на новата технологија, како и двата табора што ја делат јапонската автомобилска индустрија. Во другиот камп „Toyota Motor“ соработува со своите партнери „Suzuki“, „Subaru“ и „Mazda“.
„Mitsubishi Motors“ е во 34 отсто сопственост на „Nissan“ и е дел од долгогодишниот сојуз со „Nissan“ и „Renault“. Неговото учество во планираното партнерство со „Honda“ би било природна прогресија со оглед на уделот на „Nissan“ во компанијата, пишуваат аналитичарите на „Goldman Sachs“.
„Веруваме дека софтверот е најважната област во оваа пријавена поврзаност“, напишаа тие, додавајќи дека сите три компании би можеле да имаат корист од посакуваните економии на обем.
Минатата година, „Nissan“, „Renault“ и „Mitsubishi Motors“ се согласија да го реструктуираат својот сојуз, со цел за намалено, но попрагматично и поагилно партнерство.
Како дел од ова, „Nissan“ и „Mitsubishi Motors“ ќе инвестираат 600 милиони евра, односно 200 милиони евра во работењето на „Renault“ на електричното возило „Ampera“.