Скокот на германскиот увоз во август го надминал извозот

Германската трговска размена со светот закрепнала во август, но увозот пораснал двојно посилно од извозот, покажуваат податоците на статистичарите објавени во средата.

Извозот во август пораснал за 1,6 отсто во однос на јули кога забележал ист процентен пад. Увозот, пак, скокнал за 3,4 отсто, откако во јули речиси стагнирал.

Со тоа сезонски прилагодениот вишок во трговската размена на Германија со светот потонал во август на 1,2 милијарди евра, од јулските 3,4 милијарди евра. Ланскиот август вишокот изнесувал 13,8 милијарди евра.

На годишно ниво германскиот извоз во август скокна за 21,2 отсто по 10,8-процентниот раст во јули. Увозот, пак, е зголемен за 35,7 отсто, надоврзувајќи се на зголемувањето во јули за 26,2 отсто.

Податоците покажале и дека извозот на германските стоки во Русија пораснал за 11,9 отсто во однос на јули, додека увозот паднал за 6,7 отсто.

Главната дестинација на германскиот извоз во август биле САД, со вредност на испораките од 13,8 милијарди евра, поголема за 12 отсто отколку во јули. Најмногу, пак, стоки се увезени од Кина, во вредност од 15,4 милијарди евра, или за 2,9 отсто повеќе отколку во претходниот месец.

Увозот на стоки од САД во Германија пораснал за 5,3 отсто на 8,3 милијарди евра. Извозот во Кина, пак, е зголемен а 2,9 отсто, на 9,2 милијарди евра.

Испораките на стоки во Европската унија паднале за 0,8 отсто, а увозот е зголемен за 2,5 отсто.

Намален е и извозот во другите членки на еврозоната, и тоа за 0,6 отсто. Увозот, пак, од оваа група земја пораснал за 2,9 отсто.