Скопјанецот Виктор Драгомански, осомничен за две убиства, е уапсен на Малта

Виктор Драгомански, вработен како обезбедување во угостителски објект на Малта е уапсен под сомнение за двојно убиство извршено во таа островската држава, објави „TVM“ од Малта.

„Ние сме во многу деликатна фаза на истрагата, има настани, но сè уште немаме никого уапсено. Работиме напорно на овој случај“, изјавиле од полицијата по убиството.

Според првичните податоци, Драгомански е Македонец од Скопје, а за двојното убиство извршено пред 8 дена, осомничен е и 25 годишниот албански државјанин Даниел Мука. Мука, веќе бил на полициско сослушување, но според изјавата што ја дал пред органите, тој не бил организатор на убиството.

Првично, полицијата се сомневала на грабеж кој тргнал на лошо, но истрагата покажала дека се работи за добро смислено и нарачано убиство, а тоа го потврдил и Мука во изјавата. На снимките од надзорните камери се гледаат двајца како со оружје бегаат од куќата во која се случило убиството. На самото место биле пронајдени шест чаури, а обдукцијата покажала дека едната жртва била застрелана со четири куршуми, а втората е усмртена со еден истрел во главата.

На јутуб е објавена снимка од акцијата за приведувањето на Мука, во која бил опколен целиот кварт.

Извори блиски до истрагата потврдиле дека форензички тестови на предметите пронајдени во автомобил користен при бегството, ја одвеле полицијата до Мука. Подоцна и неговите отпечатоци се пронајдени во автомобилот и се споредени со оние најдени од местото на злосторството.

Според медиумите на Малта, Драгомански се криел во хотелот Гзира каде што е уапсен.

Жртвите на двојното убиство се љубовна двојка хомосексуалци, д-р Кристијан Пандолфино и Британец со полско потекло, Ивор Мациејовски. Двајцата се убиени пред 8 дена, едниот е најден на првиот кат во заедничкиот дом, додека телото на втората жртва е откриено на вториот кат во куќата во градот Слиема во Малта.

Жртвите биле во врска четири години. Пандолфино бил лекар кој се префрлил во друга дејност и почнал да се занимава со инвестирање во банки и фондови, а Мациејовски бил дилер и продавач на дела од современа уметност.

Досега полицијата на Малта не соопшти детали за евентуалните мотиви за убиството за кое е уапсен и македонецот Виктор Драгомански.