Грејната сезона за скопјани почна, а прашањата околу набавката на гас, односно за тоа од каде и кога ќа се набават потребните количества на гас за топланите, сѐ уште траат и ги држат во неизвесност околу 60-те илјади домаќинства. До моментов не е познато од која компанија ќе се набави гасот, по која цена и дали ќе го има во доволни количини за до крајот на зимата, односно до 15 април в година, кога завршува грејната сезона.
Она што е досега е познато е дека државната АД ЕСМ, која веќе го презеде бизнисот со топлинска енергија, набавката на потребните количества на гас за работењето на скопските топлани најверојатно нема да ја направи преку Макпетрол, затоа што од таму ѝ беше даден рок за потврда за набавка на потребните количини гас, до завчера, 17 октомври. ЕСМ не одговори во дадениот тајминг на компанијава која увезува руски гас, поради што Макпетрол и не ги изврши потребните набавки за топланите Исток и Запад, како што веќе официјално соопштија.
Во вчерашното соопштение на АД ЕСМ, пак, стои дека вчера, на 18 октомври, бил испратен допис до Макпетрол и до уште две други фирми кои покажале интерес да обезбедат гас за потребите на АД ЕСМ. Со него е побарано до 20.10.2022 да им се достават понуди за продажба за периодот ноември-април, што треба да содржат количини, цена, услови на плаќање и обезбедување со банкарски гаранции. За периодот ноември-април АД ЕСМ потребни се 225 милиони нм3 природен гас, напишаа од АД ЕСМ, со кои ќе се покрие максималното работење во наведениот период, на топланите Исток и Запад, Когел и на ТЕ-ТО, доколку и оваа електрана биде интергрирана во електро-енергетскиот систем на ЕСМ, односно биде потпишан договор за деловно-техничка соработка.
Владата веќе информираше дека, откако ќе стигнат сите три понуди, ќе се направи проценка која најмногу одговара и ќе донесе најголеми заштеди за државниот буџет, а потоа јавноста ќе биде известена.
Останува прашањето, дали понудите на другите две фирми, покрај онаа на Макпетрол, ќе бидат подобри, односно со пониска цена, и обратно, што во случај ако тие други две понуди ќе бидат полоши од онаа на Макпетрол, и дали тоа ќе знаќи дека ќе е доцна да се бара пак гас од Макпетрол?
На овие прашања на „Нетпрес“ беа побарани одговори од АД ЕСМ, од каде ни рекоа дека во моментов нема никакви нови информации. Поточно, на нашите прашања: кои се другите две компании од кои е побарано да се купи гас, што ако нивните понуди се полоши од онаа на Макпетрол и дали, крајната варијанта, ќе се набавува мазут за топланите, ако не се купи гас, дали имаме домашни резерви на мазут и од каде би се набавил тој, кусо ни одговорија: „Ќе има одговори, кога ќе има понуди. Нема да се шпекулира сега со претпоставени ситуација. А, во врска со парното, веќе имаше изјава на Александра Маројевиќ. Немаме нови ставови“.
Инаку, изјавата на Маројевиќ, помошник директор за Производство во АД ЕСМ, дадена на 16 октомври, се однесува за подготвеноста на производните постројки и дистрибутивната мрежа за топлинска енергија во Градот Скопје, кои биле 100% функционални.
За потсетување, на крајот на септември Владата од државната каса издвои за АД ЕСМ 18 милиони евра за набавка на гас за грејната сезона. Беше спомната Србија како варијанта, а за возврат, ние да и продаваме струја од ТЕ-ТО. Потоа и Бугарија влезе во игра, како и турската фирма „Боташ“. Но, за Србија и Бугарија да извезат гас за Македонија, треба да имаат дозвола од руски „Гаспром“, што очигедно не стои такво нешто во нивните договори, поиради што пропаднаа овие идеи на Владата. Од таму уште во септември изјавија дека ако не се набави гас, имало варијанта топланите да работат на мазут.
За мазутот како енергенс, се знае дека е многу штетен и кој исклучително ја загадува животната средина, а и тешко се наоѓа на пазарот, затоа што во развиените земји практично е исфрлен од употреба и рафинериите речиси не го произведуваат.
Тоа ќе значи дека, мазутот од еколошки аспект, ќе претставува сериозен проблем за нивото на загаденост на воздухот во Скопје, ако се употреби како крајна опција во топланите. Освен тоа, непознато е и како власта планира да обезбеди мазут во толку голема количина и за топланите, плус и за ТЕЦ Неготино, која работи само на мазут, и дали државата располага воопшто со некакви резерви. Сепак, останува прашањето дали мазутот ќе мора да влезе во игра.
Според вчерашната изјава на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, според сознанијата на партијата, веќе е потпишан тн. ‘ефет договор’ за набавка на природен гас по пониска цена, меѓу ЕСМ и претставници на компанијата која беше дадена како контакт од ВМРО-ДПМНЕ. Во четврток ќе пристигнат во Македонија за да се официјализира сето тоа“, рече Николоски.
Лидерот на оваа партија, Христијан Мицкоски, во вчерашната дебата со новинарите, објасни дека под поимот „ефет договор“ се означува начинот на кој се тргува со гас, нафта, мазут, струја.