Извршната директорка на Здружението за поддршка на лица со посебни потреби СОЛЕМ Искра Росо е македонската државјанка и претставничка на невладиниот сектор која била приведена и протерана од српската полиција и депортирана од Србија во Северна Македонија.
Во писмена изјава за МИА таа посочува дека на 21 јануари годинава за време на нејзиното учество на обука за стратегии за генерирање приходи за непрофитни организации, која се одржала од 20 до 21 јануари во Белград, се соочила со неочекуван инцидент кога по враќањето во хотелот била задржана од полицијата без јасно објаснување. Росо вели дека подоцна дознала дека и била издадена забрана за влез во Србија во траење од 12 месеци врз основа на Законот за странци.
-По враќањето во хотелот каде што бев сместена, бев задржана од страна на полицијата и, заедно со уште неколку учесници, префрлена во полициска станица без јасно објаснување. Подоцна дознав дека ми беше издадена забрана за влез во Србија во траење од 12 месеци, врз основа на член 78 од Законот за странци. За време на процесот, не добив објаснување за задржувањето, што дополнително ја зголеми неизвесноста и вознемиреноста кај мене и другите учесници. Иако морам да напоменам дека полицијата во Белград се однесуваше крајно професионално. Веќе имам поднесено барање до Министерството за надворешни работи во Скопје за добивање информации за причините за издавање на забраната за влез, а воедно подготвувам процес за жалба на решението, посочува Росо во изјавата за МИА.
Балканските медиуми пишуваат дека ноќта помеѓу 21 и 22 јануари во Белград вкупно 13 странски државјани од Хрватска, Словенија, Словачка, Северна Македонија, Албанија, Молдавија, Романија, Австрија и Чешка, биле приведени, а потоа и депортирани од Србија без објаснување. Тие биле дел од Ерсте академија за невладини организации, во организација на Ерсте фондацијата. Учесниците се приведени ноќта од хотелот во кој биле сместени во Белград без објаснување, а по неколкучасовно задржување морале веднаш да ја напуштат Србија. Притоа тие добиле и забрана од една година за влез во земјата.
Министерството за надворешни работи изрази загриженост поради одлуката на властите во Република Србија да протераат македонски државјанин и да му забранат влез во земјата во период од една година. Според српските надлежни органи, лицето претставува „безбедносна закана“.
Во официјалната реакција, Министерството најави дека ќе побара објаснување за оправданоста на преземените мерки.
„Очекуваме дека преземените активности се во согласност со законските рамки на Република Србија, како и со европските и меѓународни стандарди за човекови права“, се наведува во соопштението на МНР.
„Искрено очекуваме овој случај да биде разрешен на соодветен начин, со добра волја од двете страни. Ова е од особено значење за задржување на пријателските и добрососедски односи помеѓу Македонија и Србија“, изјавија од Министерството за надворешни работи.