На Машинскиот факултет – Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ се отвори нов Центар за извонредност во стручно образование и обука за зелени иновации, кој е единствен од ваков вид во регионот. Овој центар се воспостави и функционира во тесна соработка со уште три центри од ист вид кои се наоѓаат во Австрија, Финска и во Португалија. Четирите центри се основани во изминатите четири месеци во рамките на Проектот ,,Европска платформа за извонредност за зелени иновации и стручно образование и обука – GREENOVET”.
Со одлука на Машинскиот факултет потпишана на 30.12.2021, се уредува организација на Центарот за извонредност во стручно образование и обука за зелени иновации, со чии активности ќе раководи доц. д-р Трајче Велковски.
,,Ни претставува чест и задоволство да ја информираме јавноста дека се отворени сите четири центри предвидени со проектот, во Скопје, во Штаерска – Австрија, Васа – Финска и во Лерија – Португалија. Центрите се интегрираат преку интернационална платформа каде ќе соработуваат и ќе имаат можност за размена на искуства и знаења. Во тек е формирање на интернационален комитет со експерти од областа на зелени иновации од секој регион, чија цел е да ја зајакне меѓународната соработка и да придонесе кон обезбедување одржливост на центрите“, изјави доц д-р Велковски, кој за во јуни ја најавува и правата меѓународна активност на Центарот во Скопје.
„Партнерските организации од другите четири земји доаѓаат во Скопје на првата работилница за градење на капацитетите на центрите. Оваа работилница ќе трае пет дена и ќе биде организирана во просториите на Машинскиот факултет каде се очекува покрај размената на искуствата помеѓу партнерите да бидат присутни и светски експерти од областа на развој на зелени иновации кои ќе ги споделат своите искуства и знаења. Градењето на капацитетите на партнерските организации вклучени во реализацијата на проектот е еден од клучните фактури за успех на Центарот на долгорочно ниво и претставува значаен чекор кон поставувањето на модел за самоодржливост на истиот”, објасни доц. д-р Велковски.
Покрај Машинскиот факултет во активностите за основање на Центарот за извонредност во стручно образование и обука за зелени иновации како проектни партнери се вклучени Сојузот на стопански комори на Македонија, АСУЦ „Боро Петрушевски, Раде Кончар ТЕП и Националниот центар за развој на иновации и претприемничко учење.
Центарот има за цел да овозможи соодветно управување со знаењето, ресурсите и инфраструктурата на сите засегнати страни и да придонесува за регионален економски раст преку промоција на еколошки и одржливи иновативни процеси овозможени со стручно образование и обука. Центарот преку своето делување обезбедува на наставниците, учениците, компаниите и на општеството подобри можности за адаптација и имплементација на зелена транзиција, како и подобра врска меѓу индустријата и образовните институции со цел да се надомести недостигот на компетенции за развој на зелени иновации.
Центрите за извонредност во стручно образование и обука за зелени иновации претставуваат можност за надминување на недостигот на стручен и квалификуван кадар за развој на зелени иновации, кој е голем предизвик со кој се соочува бизнис секторот, не само кај нас туку и пошироко во Европа. Со ваквата поддршка бизнисите се насочуваат кон зелена транзиција, способни да одговорат на брзо растечките потреби кои динамично се менуваат и прошируваат. Преку соработката што ќе ја овозможи Центарот меѓу бизнис заедницата и чинителите во стручното образование и обука ќе се придонесе кон зголемување на атрактивноста на стручните училишта и привлекување на поголем број на ученици.
Сојуз на стопански комори на Македонија