Скопје ќе биде домаќин на Балканскиот интернационален вински натпревар

Балканскиот интернационален вински натпревар (BIWC) годинава се одржува во Скопје од 2 до 4 јуни, додека  Балканскиот фестивал на виното ќе се одржи во  Софија од 17-ти и 19 јуни годинава, информира здружението Вина на Македонија кое е организатор на виснкиот натпревар.

Според Здружението, Балканскиот меѓународен натпревар 2021 во Скопје  има цел подобра интеграција на винарските визби од сите балкански земји и нивна зголемена изложеност во регионот и Европа. Најдоброто вино на Балканот ќе биде избрано од престижното жири кое ќе дојде во нашата држава и оваа година ќе вклучува најмалку четворица носители на титулата Master of Wine.

– Со скоро 1,8 милиони тони вино годишно, Балканот е на 5-то место во светот, веднаш зад најголемите земји производители на вино – Италија, Франција, Шпанија и САД. Балкански интернационален вински натпревар е настан што ја обединува регионалната и светската елита на вино за да ги откријат богатството и разновидноста на балканските вина – изјави извршниот директор на здружението Вина од Македонија, Елена Младеновскa Јеленковиќ.

Балканскиот интернационален вински натпревар ќе организира и други помали настани со цел да ги промовира балканските вина во регионот на Балканот и во Европа.

– Кризата од минатата година беше неочекувана и ѝ предизвика голема штета на винската индустрија. Но, производителите на вино се луѓе кои работат со страст, амбиција и инспирација. Верувам дека настаните, како што се овој натпревар и фестивалот на виното на Балканот, обезбедуваат платформа што винарските визби можат да ја искористат за справување со кризата – вели Галина Нифороу, управен директор на BIWC.

Преку овој натпревар се промовираат балканските вина и винската култура во балканскиот регион и низ целиот свет. Претседател и жири на натпреварот традиционално е Константинос Лазаракис,  првиот носител на титулата Master of Wine на Балканот.

-Балканското вино е симбол на квалитет и автентичност што потрошувачите ја ценат. 10-тото јубилејно издание на BIWC ќе им помогне не само на љубителите на вино, туку и на претставниците од HoReCa секторот да запознаат повеќе регионални вина и производители – изјави Лазаракис.

По натпреварот, ќе биде организирана изложба со сите примероци на 4 јуни на местото на одржување на BIWC во Скопје, на која ќе бидат поканети деловни претставници, сомелиери, дистрибутери и љубители на вино. Предвидена е богата програма на мастер-класови и семинари за сите вински професионалци и љубители на вино од Македонија и за гостите од странство.

Минатата година наградата „Најдобро вино на Балканот“ ѝ беше доделена на српската винарница Александровиќ за виното Trijumf Sauvignon Blanc 2019, а македонските винарници, покрај бројните златни, сребрени и бронзени медали се закитија и со следниве трофеи: Трофеј за најдобро црвено вино од локални балкански сорти беше ѝ доделен на Винарска визба Тиквеш за виното Barovo Red 2017 и Трофеј за најдобро вино од Македонија беше доделен на Винарница Камник за виното Terroir Grand Reserve 2015.