Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денес изврши увид во реализацијата на новата капитална инвестиција во индустриската зона Пинтија, во близина на Стаклара, на површина од 35.000 м². Изградбата на Home Retail Park – (продажен центар за трговија на мало), првиот ваков трговски парк во Македонија, е проект вреден 15 милиони евра. Ќе обезбеди 20.000 м² модерен комерцијален простор, создавајќи можности за вработување на околу 300 лица и значајно заживување на локалната економија.
Ѓорѓиевски истакна дека оваа инвестиција е потврда за зголемената доверба на инвеститорите во општина Кисела Вода, благодарение на транспарентното и законско работење на новото раководство.
-Изградбата на Home Retail Park претставува значаен економски импулс за нашата општина. Вложувањата од ваков обем го потврдуваат фактот дека Кисела Вода станува сè попосакувана дестинација за бизнисите. Овој проект не само што ќе создаде 300 нови работни места, туку и ќе придонесе кон развојот на оваа индустриска зона, подобрувајќи ги условите за живот и работа во нашиот град-изјави Ѓорѓиевски.
Home Retail Park ќе биде единствена локација каде што граѓаните ќе можат да најдат сè што им е потребно за својот дом – од мебел, домашни апарати и декорации, до градинарска и бањска опрема. Покрај тоа, ќе располага со модерни кафетерии и ресторани, како и 600 паркинг места за посетителите, создавајќи комплетно шопинг искуство.
Генералниот директор на инвеститорот, компанијата Голден Арт, Ивица Јаќимовски, нагласи дека оваа инвестиција значително ќе придонесе за подобрување на животниот стандард и економскиот раст.
-Home Retail Park ќе стане новиот центар за паметно купување, место каде семејствата ќе можат да го уредат својот дом на наједноставен и најудобен начин. Ова е инвестиција во иднината, во подобар начин на живеење и во развојот на локалната економија- рече Јаќимовски.
Со оваа инвестиција, Кисела Вода добива уште една значајна стопанска и урбана придобивка, а отворањето на Home Retail Park е предвидено до крајот на 2025 година.