
Денеска се одбележува 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје во Втората светска војна.
На 13 ноември 1944 година, борците од 42. и 50. Народнослободителна дивизија на македонската војска и 16. Македонска бригада го ослободија Скопје од фашистичка окупација.
Партизанските единици што биле вклучени во ослободувањето на Скопје речиси цел ден марширале кон Скопје, одејќи пеш речиси триесетина километри. Една од бригадите со околу 2.000 лица ја покривала цела Скопска Црна Гора. Кога пристигнале во Скопје веќе се воделе жестоки битки. Дванаесеттата бригада се борела за ослободување на десниот брег на Вардар, како и за сите поголеми објекти – хотелот „Македонија“, Народна банка, училиштето „Гоце Делчев“, Офицерскиот дом, радиото Скопје… Една од поголемите битки што се воделе тогаш била и онаа кај Старата железничка станица, а Германците биле присилени да се предадат.
Големи битки се воделе и на Водно и на Матка, а можеби една од најпогубните била онаа каде што сега се наоѓа кафеаната „Идадија“ во Дебар Маало. Завршната битка била за Учителската школа, кога биле заробени 70 Германци.
Во еуфорија на ослободено Скопје жените излегувале на улиците и ги пресретнувале борците со цвеќиња и по стариот обичај, со леб и сол, а потоа следувала и општа веселба на плоштадот, по кој парадирале партизаните. Дури 400 борци учествувале во ослободувањето на градот, а голем дел од нив биле и жени.