Скопје го одбележува Денот на ослободувањето

Со повеќе културни, хуманитарни и спортски манифестации денеска ќе биде одбележан 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје.

По тој повод, градоначалникот Петре Шилегов ќе се сретне со претставници на Градскиот одбор на Сојузот на борци од Народноослободителната антифашистичка војна на Македонија.

Потоа, делегација на Собранието на Република Македонија и на Град Скопје ќе положи цвеќе пред Споменикот на ослободителите на Скопје на Партизанските гробишта и пред споменикот на генерал Михајло Апостолски на Градските гробишта „Бутел“.

Во 12:30 часот, пред Споменикот на ослободителите на Скопје, на платото пред Владата, државни делегации, борци од НОВ, претставници од Армијата на Република Македонија, од општините на Град Скопје, членови на други институции, како и официјалната делегација од Град Скопје ќе положат цвеќиња.

Традиционалната крводарителска акција на Црвениот крст на Град Скопје ќе се одржува денеска од 9 до 17 часот во Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“.

Настаните за чествување на Денот на ослободување на Скопје ќе продолжат вечер во Музејот на Град Скопје каде ќе биде промовирана книгата „На Скопје со љубов“ – архитектонската мисла на Живко Поповски.

Во фоајето на Македонската опера и балет ќе бидат изложени дела од 12. Меѓународна ликовна колонија „Скопје 2017“. Во МОБ свечено ќе биде одбележан празникот и ќе биде доделена наградата „13 Ноември“ на Град Скопје. Предвиден е забавно-музички дел под мотото „Скопје граду мој“ на Конгресниот центар Александар Македонски.

Од спортските манифестации, досега се одржаа Меѓународен шаховски турнир на слепи и лица со оштетен вид, финални борби доделување на „Златниот гонг“, ноќна атлетска трка „Низ улиците на Скопје“.

До крајот на месецов се предвидени повеќе активности. Меѓународната изложба на детски цртежи ќе биде отворена утре во библиотеката „Другарче“, а на 15 ноември ќе се одржи Шаховски турнир на телесно инвалидизирани лица. На 16,17 и 18 октомври во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ ќе има претстави на 47. фестивал „Златно славејче“. Од 9 до 19 ноември се одржува 16-то издание на фестивалот на европски филм „Синедејс“, а проекциите се во Младинскиот културен центар и киното „Милениум“.

На 13 ноември пред 73 години борците од 42-та и 50-та Народноослободителна дивизија на македонската војска и 16-та Македонска бригада го ослободија Скопје од фашистичката окупација.

По неколкудневни тешки борби со припадниците на 22-та гренадирска германска дивизија, составена од 47-от и 65-от полк и делови од 11-та воздухопловна десантна дивизија, како и со германската тврдинска бригада „Ангермилер“ која беше распоредена пред Качаничката клисура, борците со победоносен марш влегоа во градот.