Скопје танцовиот театар гостува на фестивал во Загреб

Две кореографии на Скопје танцовиот театар ќе бидат изведени вечер од 20 часот на 39-тиот Интернационален фестивал „Недела на современ танц” во Загреб – „Outline” на Дејан Битривски, во која настапува Анастасија Данчевска, и кореографијата „Не ми ги допирај очите“ на Адријана Данчевска.

Скопје танцовиот театар првпат ќе гостува на овој фестивал. Неговата уметничка директорка Рисима Рисимкин претходно, од 18 часот, ќе одржи предавање на тема „Развој на софтвер за компјутерски генерирана кореографија”. Кореографката и танчарка Адријана Данчевска, пак, утре во рамки на фестивалската програма ќе има работилница за современ танц.

Кореографот Битровски за „Outline” вели дека е посветено на жената и нејзиниот однос со општеството, а кореографката Данчевска во најавата за нејзината кореографија „Не ми ги допирај очите“ посочува дека се поистоветува со човекот во Македонија. Во перформансот настапуваат Адријана Данчевска и Дејан Битровски. Музиката ја потпишуваат Артефакт и Гордан Спасовски трио.