Кривична пријава е поднесена против лицата А.Т.(51) од Кавадарци, раководител во Агенција за катастар на недвижности-Одделение за катастар на недвижности Кавадарци, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и Д.К.(54) од Скопје, сопственик на правното лице “КОДИНГ” ДООЕЛ Скопје, поради сомнение за сторено кривично дело „поттикнување“ во врска со кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Првопријавениот во својство на службено лице, вработено во Агенцијата за катастар на недвижности-Одделение за катастар на недвижности Кавадарци (Поранешен Државен завод за геодетски работи), во текот на 2004. година искористувајќи ја својата службена положба и овластување извршил промени спротивно на важечките законски прописи, односно без постоење на правен основ на правното лице “КОДИНГ” ДООЕЛ Скопје му евидентирал право на сопственост врз земјиште кое дотогаш било во сопственост на Република Македонија во вкупна површина од 3.592 м2.
Во 2015. година, откако било увидено ваквото противправно евидентирање, пријавениот повторно злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластување извршил исправка на грешка, иако бил свесен дека ваквата исправка е противзаконска од причина што над имотот за кој наводно била направена грешката имало воспоставено заложно право (хипотека). Со ваквите противправни дејствија, пријавениот на правниот субјект “КОДИНГ” ДООЕЛ Скопје му овозможил да се стекне со противправна имотна корист, а со самото тоа го сторил кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Второпријавениот во својство на одговорно лице-управител и сопственик на правното лице “КОДИНГ” ДООЕЛ Скопје во текот на 2004. година на имотот покрај претходните градби свесно без правен основ изградил нови објекти кои во најголем дел се простирале на спорната парцела бр.534 и ги поттикнал службените лица меѓу кои и првопријавениот да извршат премер и упис на дополнителни 3.592 м2 земјиште без притоа за тоа да постои било каков правен основ.
Со ваквите дејствија тој го сторил кривичното дело „потикнување“, во врска со „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Со самото тоа се стекнал со противправна имотна корист-сопственост врз земјиште во површина од 3.592 м2 (дотогаш сопственост на РМ), легализација на бесправно изградени објекти кои се простираат на спорното земјиште и обезбедување на кредити од комерцијалните банки во корист на неговото правно лице “КОДИНГ” ДООЕЛ Скопје, како и други претпоставени права на располагање кои можел да ги ползува како сопственик на земјиштето.