По повод Меѓународниот ден на спортот, во спортската сала на Средното градежно и гимназиско училиште на Град Скопје „Здравко Цветковски“, се одигра натпревар од четвртото коло во групата Б од средноучилишната кошаркарска лига на Град Скопје во женска конкуренција, помеѓу екипите на СУГС „Здравко Цветковски“ и СУГС „Панче Арсовски“, а во текот на денот, ќе се одржат и неколку ревијални натпревари во кошарка, мал фудбал и во одбојка.
На натпреварот со што симболично беше одбележан Меѓународниот ден на спортот присуствуваа и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, претседателката на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева, министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Васил Тупурковски, директорот на Агенцијата за Млади и спорт, Маријан Спасевски и директорката на СУГС „Здравко Цветковски“, Драгица Костадиновска.
„Ви пожелувам добредојде во спортските сали на нашето средно училиште, каде што денеска се одбележува Меѓународниот ден на спортот. Не е едноставна причината зошто токму во нашето училиште се одбележува овој ден, затоа што нашите ученици и екипи се едни од најнаградуваните на градските и државни спортски првенства. Сакам да истакнам дека и нашето мото е ‘Во здраво тело, здрав дух’ и се приклучуваме на акцијата на Град Скопје и Средноучилишниот спорт, спортувањето во средните училишта да биде што помасовно. Морам да потенцирам дека овој ден од идната година за нас и нашето училиште ќе биде спортски ден, а се надевам дека се повеќе ученици ќе спортуваат и ќе се вклучат во средноучилишните натпреварувања“, рече Костадиновска.
Директорката Костадиновска им врачи благодарници на сите соработници и помагатели во одбележувањето на Меѓународниот ден на спортот, a химната на Република Македонија и химната на Олимписките игри, ги интонираше хорот на СУГС „Здравко Цветковски“.
Во оваа учебна година во системот на натпревари на средните училишта во Скопје, ќе учествуваат 200 екипи, ќе се одигруваат околу 600 натпревари, во кои ќе учествуваат околу 5 000 ученици – спортисти во колективните спортови од 28 средни училишта.
Во делот на индивидуалните спортови се организираат натпревари и во: атлетика, бадмингтон, пинг – понг, тенис, пливање. Со учество и во индивидуалните спортови, бројката на ученици – спортисти од средните училишта во Скопје достигнува и до 8.000 учесници.
Градот Скопје преку Програмата за спорт издвојува 2.000.000, денари за програми преку Проектот – Развој на училишниот спорт на средните училишта во градот Скопје за Лига систем и Турнир систем натпревари во сите колективни и индивидуални спортови во машка и во женска конкуренција во регионалниот и националниот систем на натпревари на училишниот спорт во Македонија.
Досега се одиграни 500 натпревари, остануваат уште 100 кои ќе се одиграат до Финалните натпревари на најдобрите средноучилишни екипи во 4 колективни спортови ракомет, кошарка футсал и одбојка, кои традиционално ќе се одиграат на градскиот Final Four, кој што ќе се одржи од 28-ми до 30-ти април оваа година.
Најдобрите две екипи, прво и второ пласираната екипа од најдобрите четири екипи од најголемата зона Скопје, ќе земат учество на државното првенство на средни училишта во Македонија – Гимназијада 2014 која ќе се одржи во Охрид од осми до десетти мај оваа година.
Град Скопје, во Програмата за спорт издвојува и средства во висина од 1.000.000, денари за Програма преку проекти за посета на збратимени градови, на градските репрезентации во колективните спортови на средните училишта во градот Скопје, како награда за најдобрите спортисти – ученици по завршувањето на учебната година. Се одигруваат двомеч натпревари со нивни врсници – соодветни репрезентации од збратимените градови.
Досега, одиграни се натпревари во Истанбул, Ниш, Загреб, Белград, Софија, а за годинава се планира посета на Љубљана. Минатата година на државното првенство, средните училишта од Скопје со најуспешни резултати до сега, освоија: 6 златни, 3 сребрени и 5 бронзени медали.
Најуспешни средни училишта од Скопје, по направените резултати се: ДУФК М.М.Брицо, СУГС Здравко Цветковски, СУГС Орце Николов и СУГС Панче Арсовски.