Скопје вторпат е на прво место по „ценовна ефикасност“ и во најдобрите десет за „стратегија за странски директни инвестиции“ во категоријата Мали европски градови според рангирањето за 2016/2017 година што го спроведе специјализираното списание за странски инвестиции на Фајненшл тајмс, светски реномираниот ФДИ магазин.
Како што соопшти денеска директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Викор Мизо, според ФДИ, и Штип е на првото место по ценовна ефикасност, како и во најдобрите десет градови за странски директни инвестиции, но во категоријата Микро европски градови.
Ова, рече Мизо на прес-конференција во Бунарџик, е уште една потврда на владините напори, ангажмани и активности за привлекувањето странски инвестиции и за подобрувањето на деловната клима, но воедно е и показател дека Македонија има стручни кадри кои можат да ги задоволат барањата на странските вложувачи.
– Очекувам во следното рангирање за периодот 2018/2019, освен Скопје и Штип, да има и други градови од Македонија. Овојпат Скопје и Штип се избрани зашто во овие слободни зони има вкупно 16 компании и 4.100 вработени. Тринаесет компании се во Бунарџик од кои дел веќе работат, а други се во фаза на реализирање на инвестицијата, додека во Штип има три, истакна Мизо, пренесува МИА.
За потребите на рангирањето на ФДИ се собрани податоци за 481 локација од европските земји (294 градови, 148 региони и 39 локални партнерски претпријатија) во пет категории: економски потенцијал, пазар на труд, ценовна ефикасност, инфраструктура и поволна бизнис клима. Зависно од категориите, Скопје и Штип се избрани во конкуренција на градови од балканските и балтичките земји, Ирска, Велика Британија, Франција, Чешка, Полска, Белгија…
Според Мизо, рангирањето на ФДИ е многу важно зашто базира на анализи што ги прават консултантски куќи за мултинационални компании.
Одговарајќи на новинарско прашање, директорот на ТИРЗ информира дека минатата година извозот од сите слободни економски зони доастигнал околу 1,5 милијарди евра што е зголемување за 28 отсто во однос на 2014 година. Годинава пак, само во јануари, од извоз се реализирани 14 отсто повеќе или 120 милиони евра, а во февруари заклучно со вчера, 99 милиони евра. Ова покажува, напомена Мизо дека за неполни два месеца извозот од зоните достигна 220 милиони евра.
Сите компании во зоните работат според предвидената динамика, а некои дури и побрзо и засега бројот на вработени во сите зони изнесува вкупно 5.100, подвлече директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Виктор Мизо.