Сообраќајната полиција во текот на изминатиот ден на подрачјето на Град Скопје извршила увид на вкупно девет сообраќајни незгоди.
Од нив, три се со последица материјална штета и шест се со последица телесна повреда во кои со полесни повреди се здобиле тројца возачи на патничко моторно возило, четворица сопатници, еден пешак и еден велосипедист.
Во текот на вчерашниот ден од страна на сообраќајната полиција откриени и санкционирани се 24 возачи кои не го почитувале ограничувањето на брзината на движење со возилото, 20 возачи се затекнати како го управуваат возилото по истекот на важноста на сообраќајната дозвола или без возачка дозвола. Четворица возачи поминале на црвено светло на семафор, односно не отстапиле првенство на минување на возилата во зона на крстосница, како и тројца возачи кои го управувале возилото под дејство на алкохол и истите се исклучени од сообраќај.
Санкционирани се и 11 пешаци кои поминале на црвено светло на семафор, односно не поминале на обележан пешачки премин.
Пајакот дигнал 87 возила
Со помош на специјалното возило „пајак“ вчера од страна на сообраќајната полиција отстранети се 87 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.
Отсекот за превенција при Единицата за безбедност во патниот сообраќај денеска ќе одржи сообраќајна поука со почеток во 19 часот во просториите на Полициската станица од општа надлежност Гази Баба на која ќе присуствуваат граѓани учесници во сообраќајот кои сториле прекршоци по разни основи во својство на пешаци.
Протест на автошколите
Со почеток во 11 часот Националното здружение на автошколи, возачи и инструктори „Обука Л“ ќе одржи мирен протест на бул. „Илинден“ пред зградата на Владата на Република Македонија. Со цел непречено и безбедно одвивање на сообраќајот од страна на сообраќајната полиција ќе бидат преземени соодветни мерки за сообраќајно обезбедување, а по потреба и пренасочување на сообраќајот.