Скопската фирма „Трансформирај“ лансираше платформа која ги претвора зборовите во конкретни акции со вештачка интелигенција

Американската стартап-компанија „Трансформирај“ (Transformify Inc.), формирана од македонски основачи лоцирани во Скопје, денеска лансира иновативна платформа за автоматизација и интеграција која со помош на вештачка интелигенција (AI) ги автоматизира секојдневните задачи претворајќи ги зборовите во конкретни акции (text-to-actions).

Платформата наречена „Трансформифај аутомејт – вашиот АИ копилот за автоматизација” (“Transformify Automate – Your AI Copilot for automation”) на глобално ниво ги предизвика продуктите на најголемите интернационални компании, како Microsoft Power Automate, Zapier, Webflow и др.

Во креирањето на оваа платформа компанијата беше водена од фактот дека ChatGPT и вештачката интелигенција генерално целосно го менуваат светот и начинот на кој ги извршуваме секојдневните лични и професионални задачи.

– Дигиталната трансформација се однесува на луѓето, културата, технологијата и процесите. Ние ја обезбедуваме AI технологијата. Толку е едноставно – вели Ратко Пројковски, основач и извршен директор на „Трансформифај“.

Генерално платформата ја демократизира автоматизацијата на процеси и интеграцијата, со што ја доближува напредната технологија до секој корисник, без оглед на неговото техничко или бизнис-искуство. Со едноставен и разговорен јазик, корисникот треба да го опише крајниот резултат и копилотот автоматски ќе го креира, визуализира и изврши процесот.Ова ги подразбира сите напредни операции, како што се обработка на текст, слики, конвертирање на документи во кој било формат, временски закажани постови на социјалните мрежи, нотификации, е-пораки и сл.

Платформата опфаќа и комплексни сценарија карактеристични за бизнис-секторот, како што се интеграцијата со различни компаниски системи, користењето различни протоколи за комуникација, операции поврзани со бази на податоци, обработка и трансфер на податоци, дигитално потпишување и сл.

„Трансформифај“ веќе има воспоставено стратешко партнерство со компаниите Microsofot и OpenAI како лидери во областа на вештачката интелигенција. Ова ѝ овозможува на компанијата преку раниот пристап до последната технологија проактивно да учествува во истражувачката работа за практичната примена на големите модели (LLMs) како што се GPT-4, ChatGPT Plugins – функционалните плагин додатоци за ChatGPT и др.
Сите заинтересирани корисници може бесплатно да се регистрираат на оваа платформа преку следниот линк, а воедно да дадат и поддршка за Product Hunt тука.