Скопските училишта утре ќе имаат скратена настава, а четврток е неработен ден

Утре во скопските основни и средни училишта часовите ќе траат по 20 минути и нема да има пауза за одмори, а четврток е неработен ден за сите училишта во Скопје. Овој ден нема дополнително да се одработува, одлучи Владата.

Во Скопје на 29 и 30 ноември ќе се одржи Министерски самит на ОБСЕ, на кој треба да дојдат сите министри за надворешни работи од Европа. Македонија годинава е претседавач со ОБСЕ.

Наставата во првата училишна смена ќе започне со првиот наставен час во 7.30 часот, вториот ќе започне во 7.50, третиот во 8.10, четвртиот во 8.30, петиот во 8.50, а шестиот во 9.10 и ќе трае до 9.30 часот.

Наставата во втората смена, која вообичаено почнува околу 13 часот, утре ќе започне во 9.30 часот, вториот час е во 9.50, третиот во 10.10, четвртиот во 10.30, петиот во 10.50 и шестиот во 11.10 часот.

Според владината одлука работното време на сите вработени во државната и јавната администрација на територијата на градот Скопје – на 29 ноември 2023 година (среда), треба да заврши во 12:00 часот.

Во четврток на 30 ноември 2023 година се определува за неработен ден за сите вработени во државната и јавната администрација, на подрачјето на град Скопје. Овие заклучоци се однесуваат и на основните и средните училишта на подрачјето на град Скопје, а не се однесуваат на детските градинки и здравствените установи на подрачјето на град Скопје – коишто е потребно да изработат сопствени планови за работењето, со цел непречено функционирање, информираат од Владата.