
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице кое се товари за кривично дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетиот 72-годишник, на 11-ти октомври годинава, како учесник во сообраќајот управувајќи патничко моторно возило „БМВ“ со скопски регистарски таблички во селото Трубарево кај Скопје, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај.
Имено, сега обвинетиот возилото го управувал во алкохолизирана состојба со содржина на алкохол во крвта од 1,78 промили и содржина на алкохол во урина 2,43 промили, што се многу високи показатело. Покрај тоа, низ населено место, автомобилот го управувал со брзина од 91 километри на час, што е значително поголема од дозволената.
Во ваквите околности тој изгубил контрола над управувачот и со десните тркала излегол десно надвор од коловозот, се качил на тротоарот, а со предниот дел од возилото удрил во задното тркало од мопед „баутијан“, без регистарски таблички управуван од Идриз Ќеримовски. Од ударот, оштетениот со мопедот паднал на коловозот, се здобил со тешки телесни повреди на кои им подлегнал на самото место и починал.
Обвинетиот продолжил со автомобилот да се движи в десно, излегувајќи надвор од коловозот па со предниот дел од возилото во автобуска постојка и потоа во детето Ваљтон Битики, кое како пешак стоело на автобуското стојалиште. Од ударот дететот се здобило тешки телесни повреди, на кои им подлегнало во болница.
Обвинетиот и натаму со возилото продолжил да се движи по тротоарот, удрил и соборил дрвена бандера и сообраќаен знак, по што со возилото излегол лево надвор од коловозот каде што автомобилот запрел.
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка куќен притвор за обвинетото лице со цел да се обезбеди неговото присуство во текот на постапката и да се спречи тој да го повтори делото кое му се става на товар.