Скопското обвинителство денеска доби писмено известување од полицијата за снимката за градоначалникот на Шуто Оризари Курто Дудуш.
Како што соопштуваат од Обвинителство, обвинител веднаш издал наредби за вештачење на мобилни телефонски апарати на градоначалник и на лицето споменувано во снимениот материјал, а истовремено, до мобилните оператори е издадено барање за обезбедување на листинзи од телефонските броеви за да се утврди меѓусебната телефонска комуникација на двете лица.
Надлежниот јавен обвинител до СВР Скопје издаде наредби и насоки да продолжи со истражување на целиот кривично-правен настан, односно да обезбеди податоци околу неовластеното снимање на настанот, да утврди што точно се случило, дали некое лице е нападнато и од кого, дали притоа се здобило со телесни повреди, кога настанот е пријавен и на кој начин е евидентирана пријавата – стои во соопштението на обвинителството.