Скриената историја на злото – до кога?!

Зборникот на пресуди на политичките затвореници 1945 -1990 година е црната книга на комунизмот во Македонија, како сведошто за човековите страдања. Позади овие листови се Ченто, Крум, Димче, Александар, Пенчо, Милка, Ана, Рампо, Пано, Никола, Цане, Дединец, Ангел, Божана, и многу други човечки судбини со кои некој се поиграл во името на народот и догматското следење на идеологијата. Оваа книга е само мал исечок на комунистичката историја на Македонија, кога животот стана казна за многумина, кои одбиваме да ги видиме и после 35 години независна македонска држава.

Македонија е свет без меморија. Како некое време Македонија да нема историја. Почнавме да забораваме што се случило кога, што дошло порано а што подоцна, а чувството дека навистина и не е важно се повеќе почнува да доминира и не’ обзема. Како што уникатноста исчезнува од текот на настаните, така исчезнува и континуитетот; сè се спојува во единствената сива слика на еден ист циклус и велиме: ништо не се случува. Мртвото чувство на временската секвенца во општеството неминовно ја убива историската вистина за Македонија. Со неодговорените прашања од поновата историја на македонскиот народ се шири апатија, и, како што посочува Милан Симецка, „со неа изумираат сите позитивни чувства што се однесуваа на заедништвото, вклучително и националните чувства, колективната траума, но и индивидуално доживеано трауматско понижување“.

Се обидувам да сфатам зошто кога стана очигледно по падот на комунизмот дека реликтите на еднa историски поразена идеологија останаа активни преку промената, немаше општествена реакција. Зашто одбивме и сеуште одбиваме да се соочиме со сопственото минато? Обидите да се соочите со сопственото минато најчесто се мотивирани од желбата за автономија, наспроти инертната сила на историјата. Совладувањето на минатото бара да се биде свесен за индивидуалната вклученост во таа историја и, иако понекогаш болно, да се постави на дистанца и од колективното и од индивидуално запишаното искуство на историјата, или, според зборовите на францускиот историчар Жак Ле Гоф, „да ја погледнете сопствената историја в лице е обврска за народите, како што за поединците амнезијата е сериозен проблем“. Македонија сиве години на независна држава не успева да избегне старото да опстојува дезинтегративно во новото. Заклучокот после сиве години на независна Македонија се наметнува самиот: „демократските социјалисти“ кои ги заменија тврдокорните комунисти од пред деведесетите ги потиснаа фактите за комунизмот, затоа што мислеа дека она што го прави комунизмот да изгледа лошо може да им наштети на нивниот камелеонски политички опстанок. Затоа вистината за македонскиот комунизам ја бутнаа под тепих и успеаа да ги сатанизираат сите обиди за декомунизација на општеството. Со тоа само потврдија дека се авторитарни во својата политичка ДНК, и иако не се нарекуваат комунисти (дури и се навредуваат) тие никогаш не биле и не се демократска левица – тие се авторитарна левица. На крајот на краиштата, ако навистина се од демократската левица, зарем не би било тешко да се дистанцираа од комунизмот. Тоа никогаш не го направија, зашто историјата на комунизмот е нивниот политички епитаф.

Можеби затоа ниту една влада на рециклираните комунисти досега не се потруди да го реши проблемот со одговорноста меѓу членовите на поранешната политичка елита, како и враќањето на достоинството на поранешните жртви на нивните злосторства со помош на „политика од минатото“. Во меѓувреме, секој поединец беше оставен сам да се соочува и да го усогласи објективно доживеаниот историски дисконтинуитет со субјективно перципираниот идентитет кој претставува „чувство на униформност и континуитет како поединец“. Обидот да се совлада комунистичкото минато кај нас се сведе на процес на селективно паметење. Не направија неподготвени и неспособни сами како поединци и како народ да се соочиме со сопствената историја без да се оддалечиме од нејзините вродени противречности, амбивалентност, и/или повеќекратно значење. Посебната релевантност на ова прашање произлегува од „двојната криза на историјата“ која ја прогонува Македонија. Во текот на своето „враќање во историјата“, Македонија очигледно има значителни потешкотии во повторното регулирање на нејзиното повикување на минатото без да се препушти на искушението за мистифицирање на старите времиња, или „екстратериторијализирање“ на периодот на комунистичко владеење, или дури и бришење од колективната меморија на овој период како период на туѓа доминација.

Пред мене е Зборникот на пресуди на политичките затвореници 1945 -1990 година. Тоа е црната книга на комунизмот во Македонија, како сведошто за човековите страдања. Позади овие листови се Ченто, Крум, Димче, Александар, Пенчо, Милка, Ана, Рампо, Пано, Никола, Цане, Дединец, Ангел, Божана, и многу други човечки судбини со кои некој се поиграл во името на народот и догматското следење на идеологијата. Оваа книга е само мал исечок на комунистичката историја на Македонија, кога животот стана казна за многумина кои одбиваме да ги видиме и после 35 години независна македонска држава. Затоа сеуште злосторствата сторени во име на комунистичката идеологија немаат историска и морална проценка во оваа држава. Уште колку долго ќе одбиваме подлабоко да загребеме во историското минато на оваа држава од страв дека вистинатата која ни се нуди нема да биде повеќе никогаш иста? Зарем после 35 години од падот на комунизмот сеуште треба да чекаме за морална и политичка интроспекција во рамките на историската професија која на крајот ќе произведе подалекосежна преоценка на повоената македонска историја? Без обезбедување алатки за соочување со скриената историја на злото нема да може да се рекомпонира трауматизираниот идентитет и да се избере употребливо минато за демократска иднина, оставајќи го отворено полето за политичка инструментализација (на прашањето) на помирувањето со комунистичкото минато.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес