Слаб снег во Берово, измерени -6 степени

снег

Минус два степена се измерени во Скопје Петровец, Претор, Крушево, Тетово и Охрид, минус еден во Пожаране, Крива Паланка, Штип, Демир Капија, нула во Струмица, Виница, Тополчани и Ѓуриште, еден во Куманово, два во Скопје, а шест во  Гевгелија и  Дојран.

Утринава во земјава преовладува умерено а во поголемиот дел облачно време, во Беровскиот регион има слаб снег. Дува слаб ветер од северен правец.

Времето денеска ќе биде променливо облачно со  сончеви периоди и со слаб до умерен северен ветер. Во северните планински делови ќе има услови за провејување снег. Највисоката температура ќе се движи во интервалот од 6 до 13 степени.

Во Скопје променливо облачно со слаб до умерен северен ветер. Највисоката температура ќе достигне до 8 степени.

Утре времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне и во текот на ноќта, во северозападните делови има услови за повремен слаб локален дожд, а на планините и повисоките места провејување на снег. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, особено долж Повардарието. Утринските температури ќе бидат во интервалот од -2 до 5, а дневните од 5 до 12 степени.

Во наредните денови ќе преовладува  претежно стабилно време, односно на места ќе има зголемена облачност со услови за појава на  слаб дожд, а на планините провејување на слаб снег. Ќе дува умерен до засилен, а повремено и силен северен ветер, особено во среда и четврток кога ќе предизвика опаѓање на температурта на воздухот.

Во скопскиот регион најзагадено утрово е во Центар со измерени 226,36 микрограми на метар кубен ПМ10 честички, кај Ректорат 223,88, Гази Баба 220,27, Лисиче 211,61, Карпош 91,42 и Миладиновци 74,38.

Во Битола се измерени 143,17, Кавадарци 141,45, Тетово 125,04, Кичево 121,55, Куманово 84,20, Кочани 61, Велес 59,26  микрограми на метар кубен.