Јужнокорејскиот технолошки гигант „Samsung Electronics“ во средата прелиминарно извести за остар пад на приходите и профитот во третиот квартал поради слабата побарувачка за чипови.
Во периодот јули/септември, оперативниот профит на „Samsung“ паднал за 78 отсто на 2,4 трилиони вони (1,79 милијарди американски долари), покажале прелиминарните пресметки. Приходите најверојатно потонале за 13 отсто на 67 трилиони вони, проценува најголемиот светски производител на чипови и мобилни телефони.
Забавувањето на економскиот раст и зголемувањето на каматните стапки ја намалија побарувачката за електроника и други производи за широка потрошувачка, принудувајќи ги производителите на чипови да го намалат производството за да го запрат падот на цените.
Аналитичарите проценуваат дека одделот за чипови на „Samsung“, неговиот главен извор на приходи, веројатно го затворил третиот квартал со загуба во опсег од три до четири трилиони вони. Цените на мемориските чипови полека закрепнуваат, но трошоците на „Samsung“ се зголемија поради неповолниот сооднос на производството, велат аналитичарите.
Производителите на паметни телефони и компјутери со месеци се воздржуваа од купување нови мемориски чипови, трошејќи ги залихите во страв од економски пад. Залихите сега се доволно ниски за да се очекува закрепнување на побарувачката на почетокот на 2024 година, според аналитичарите.
Светла точка во бизнисот на „Samsung“ е големата побарувачка на мемориски чипови кои се користат во вештачката интелигенција, но компанијата заостанува во развојот зад домашниот конкурент „SK Hynix“ и допрва треба да привлече големи клиенти, како што е „Nvidia“, објаснуваат аналитичарите.